Совршена музичка игра на Марија Димитриевиќ Квартет во Аудиокултура
Појавувањето на Аудиокултура во Скопје одамна не е ново, но сè уште е свеж и храбар исчекор кој не само на Скопје, туку и на Македонија и го надополни недостатокот од ентузијазам и истрајност во пласирање на бескомпромисен квалитет кога е во прашање музиката и квалитетниот звук.
Воодушевувачки чиста е енергијата која ве пречекува во Аудиокултура. Како да влегувате во паралелен универзум кој во потполност ве растоварува од се. Поле на апсолутен мир, лежерност, отвореност за размена на човечки, музички и уметнички енергии кои лесно ве заведуваат непрестајно да сакате да престојувате во домот во кој доминира неграничено количество од почит кон уметноста, музиката, уметниците и оние кои дошле себе си да се дарат со привилегијата баш тука да пијат од мешавината која го чини еликсирот на животот.
На 09 март, Марија Димитриевиќ Квартет го прошири списокот на оние кои во Аудиокултура, себеси и на публиката и го приуштиле можеби најдобриот настап кој некогаш го имале.
Во рамки на концептот „Live at Audiokultura“ (50 guest limited), Марија Димитриевиќ – вокал, Гордан Спасовски – пијано, Кирил Туфекџиевски – контрабас и Виктор Филиповски на тапани, воодушевија со својот импресивен настап и изведба на низа од меки џез композиции и соло инструментални делници. Беспрекорниот звук од системите на teoharov audio ја надополни сета музичка раскош, суптилно завлекувајќи не во кругот на оправдано пребирливи и со високи поставени критериуми кога се во прашање музиката и квалитетниот звук.
Со нескриена внесеност, воодушевеност и спонтаност, овој кавртет наметна чиста радост … лесно прифатлива како детска игра.
Текст: Бон&Бона