Одиме на скопскиот Танц фест

Под мотото „Танцувајќи создаваме иднина„, вечерва во Скопје започнува 19 издание на Танц фест, светски познат фестивал за современ танц кој скоро две децениции создава силна врска со уметници од различни географски ширини, давајќи им шанса да работат заедно. 

Танц фест и неговото јадро предводено од Матеа Мијановиќ, а создадено под уметничкото око и стручност на Рисима Рисмкин во далечната 2005, беше веројатно далеку од фантазијата дека токму овој фестивал во неколку наврати ќе се појави на насловните страници на светски познатите списанија за танц, како што се „Dance Europe“ и „Dance for you“, а фотографии од настапи и настани во Скопје биле објавени од глобално позантите Getty images и Reuters, славејќи го големиот танц од Скопје во светот.

„Танц фест е терен на кој може да се направат двонасочни долготрајни врски во танцот. И тоа го докажуваме скоро две децении. Армија танчери поминаа на фестивалските сцени во Скопје, но и низ Македонија. А во чест на нашите 19 години, годинава ќе бидат претставени 19 исклучителни кореографи од Холандија, САД, Полска, Чешка, Израел, Италија, Грција, Словачка, Романија, Шпанија, Кина и се разбира нашата земја. 

Отворањето на фестивалот е вечерва на сцената на Македонскиот народен театар со претставата „Таленти во движење“ на Кодартс танцовата компанија од Ротердам, поддржано од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, во чест на 30 години дипломатски односи помеѓу нашите две земји.

Фестивалот во соработка со Американската амбасада во Скопје на 12 април на сцената на МНТ ќе ја претстави „Далас Блек танцовата компанија“ од САД. Во рамките на оваа соработка ќе биде одржан и проектот „Dance communications“, работилници за млади танчери како дел од програмата „Танцуваме со Виталија“, кои ќе подготват кратка кореографија под менторство на танчерите и професорите од САД и Скопје танцовиот театар, а ќе ја изведат на 12 април на сцената на МНТ, пред настапот на компанијата од САД.

На сцената на Младинскиот културен центар ќе бидат претставени современи кореографии на Јакуб Черулик од Словачка, Сандра Махвама од Романија, Гилда Цесарио од Италија, „А приори“ компанијата од Грција.

Македонската танцова сцена ќе биде претставена со кореографиите „Одење и слични кореографски решенија“ на Филип Петковски, на 28 април на Малата сцена на НОБ и „КОД #9“ на Ивана Балабанова и Алесандро Ола, која ќе биде изведена на 24 април на сцената на Кино Фросина во МКЦ.

Скопје танцовиот театар на 11 април во МНТ,  ќе ги претстави новите продукции „Место, многу посебно за неа“ на Адријана Данчевска и „Блокови“ на Дејан Битровски, во кои учествуваат танчерите на компанијата и студентите на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“. На 10 април во МКЦ ќе биде изведена новата кореографија на Бобан Русески, под наслов „Табу република“, во продукција на Скопје танцовиот театар. На 26 април на сцената на Македонскиот народен театар е премиерата на најновата кореографија на Рисима Рисимкин, „Лејди Магбет“, која годинава е поканета да гостува на Шекспир фринге фестивалот во Верона Италија. Во склоп на фестивалот ќе се одржат и „Отворената програма“ во рамките на програмата „Танцуваме со Виталија“ со учество на студија од Скопје и други градови од земјава.

Стотици танцови трупи од повеќе од околу триесеттина земји низ годините ја претставувале својата работа во рамки на фестивалот, извршувајќи силно влијание врз развојот на современата танцова сцена во Македонија, а Управниот одбор на фестивалот, кој е составен од врвни уметници, интелектуалци и новинари, секоја година ја доделува наградата „МЕНАДА“ за животно дело во областа на танцот, во чест на сите големи танчери кои оставиле свој белег во еволуцијата на балетот и танцот како уметничка форма во Македонија. 

Годинава наградата се доделува на Универзитетот „Кодартс“ од Ротердам Холандија, а добитници на оваа награда низ годините се основачите на Националниот балет: Горѓи Македонски, Натка Пенушлиска, Олга Милосавлева, потоа Ирена Ветерова, Татјана Петковска, Елисавета Кушовска, Екрем Хусеин, Емилија Џипунова и Јагода Сланева, но и значајните имиња на светската танцова сцена како Владимир Василиев, балетската легенда на 20 век, Градимир Панков, уметнички директор на „The Grand Ballets Canadiens“, Ханс ван Манен, еден од најголемите кореографи во областа на модерниот балет на светската сцена, Милко Шпаремблек, исклучителен кореограф од Хрватска со светско реноме, Дидие Дешамп, Франција, Жао Кси, Кина, Џоан Мајер Браун, САД, Каролин Карлсон, Франција/САД и Марта Греам, САД.

Програмата на Танц Фест Скопје е поддржана од Министерството за култура, Амбасадата на Кралството Холандија, Амбасадата на САД, УГД, Виталија и Бовин. Билетите за сите настани се продаваат на билетарите на театрите каде се одржува програмата, во МНТ, МКЦ и НОБ, соопшти Интерарт културниот центар, кој е организатор на овој посебен фестивал.