Скопје ја пишува иднината преку танцот

Уметноста, отсекогаш трагала за убавото, за емоцијата, за она што во животот на обичните луѓе е недостижно, волшебно и спектакуларно, а повторно исконски и едноставно.

И покрај неизреченото, играта ги активира емоциите. Во ракописот на вештите кореографи, таа станува дури и поинтересна од драмскиот театар.

Ако постои фестивал кој за себеси обезбедил место на самиот врв, кога е во прашање културата во светот, тогаш тоа е Танц Фест во Скопје. Имаме многу фестивали, некои повеќе … некои помалку успешни, некои имаат подолга, некои пократка историја … но овој фестивал успеал да го стави Скопје и Македонија како престижна станица во биографијата на уметниците кои креираат трендови и ја испишуваат историјата на светската сцена на модерниот балет. Место, на кое се откриваат нови продукции, а со подеднакво внимание се претставуваат и младите автори.

Танц фест и неговото јадро предводено од Матеа Мијановиќ, а создадено под уметничкото око и стручност на Рисима Рисмкин во далечната 2005, беше веројатно далеку од фантазијата дека токму овој фестивал во неколку наврати ќе се појави на насловните страници на светски познатите списанија за танц, како што се „Dance Europe“ и „Dance for you“, а фотографии од настапи и настани во Скопје биле објавени од глобално позантите Getty images и Reuters, славејќи го големиот танц од Скопје во светот.

Стотици танцови трупи од повеќе од околу триесеттина земји низ годините ја претставувале својата работа во рамки на фестивалот, извршувајќи силно влијание врз развојот на современата танцова сцена во Македонија.

Програмата се бира многу внимателно и затоа фестивалот значи на светската мапа, а високите стандарди и храброто воведување на танцовите форми, кореографските ракописи и естетиката, ја развиваат рафинираната публика и диктираат предизвици во креирањето на идните изданија.

Така синоќа во Македонскиот народен театар започна 19-то издание на фестивалот кој го слави танцот со претставата „Таленти во движење“ на „Кодартс“ од Ротердам. Гостувањето на една од најпознатите светски танцови трупи донесе кореографии од осум истакнати кореографи, како Ед Вубе, Кит Рандолф, Рој Асаф, Андонис Фонијадакис, Мациеј Кузмински, Јарек Чемерек, Лоранд Захар и Весел ван Острум.

Полната сала е чист факт дека имаме изградена публика која ја сака магијата на движењето, балетот или модерниот танц израз, па така за овие вечери секогаш се бара место плус.

Холандија не ја чинат само лалињата. Холандија е светско собиралиште на танчари од целиот свет.

Холандските мајстори на движењето се на самиот врв на светот.

Навистина е тешко да се искажат оценките, кога е во прашање Холандскиот танцов театар „Кодартс“ од Ротердам. Него го сочинуваат играчи со силно образование во класичниот балет.

Затоа, токму потписот на холандската школа е танцов театар кој вешто ги спојува модерните, на моменти акробатски движења, со најфините класични балетски основи. Истиот контраст го прави овој театар со музиката. Од Бах … па до Кејџ.

Публиката на мигови воодушевена до делириум, а на моменти во бескрајна тишина на нови очекувања. Кога е во прашање техниката и уиграноста на артистите, кои патем изгледаат како атлети, „Кодартс“ од Ротердам е безгранично високо.

Поигрување со музиката и светлината, а сепак во фокусот се движењата. Експресија на целото тело, но и на лицата. Балетаните не се само танчари, на мигови тие се и актери. Па оттука, името танцов театар е целосно оправдан. „Кодартс“ синоќа раскажа бројни приказни и неговото гостување вредеше да се чека.

Тоа е уметнички ансамбл кој работи темелно на движењето, но и на драматургијата. Многу парчиња на брлијантност синоќа се гледаа на сцената на МНТ. Вешто владеење на кореографската уметност со исклучителна смисла за театар. Но, исто така и игра на сценската светлина, која ќе остане запаметена како посебен арбитер во перформансите.

Темите беа различни, од лирика, преку општествено ангажирана игра со пораки, до макијавелистички ситуации. Неискажани нијанси ја водеа играта на сцената. Сè што подготвиле кореографите за овој настап во Скопје е претворен во злато на сцената.

Некаде движењата целеа да ја раскажат приказната, а некаде целосно ја следеа музиката.

Од погребно бавни, до еклектично брзи сцени се случуваа пред очите на публиката, галопирајќи кон крајот кој се совпаѓа со желбата на продуцентот да понуди контрасти со интензивна сложена игра и музикалност.

Чист танц на сцена, музиката некогаш во прв, некаде во спореден план … во зависност од тоа којшто го води низ приказната на овој уметнички спој.

Различноста на изведби е секогаш пријатен естетски коктел кој е визуелно стимулативен како да гледате театар или сцена од филм. Кореографиите на „Кодартс“ од Ротердам се спој на стилови, во кои човечкото брановидно тело, донесено до совршеноство зборува сè.

Игра без зборови, оптички илузии, познати и помалку познати музички матрици, техничка магија, простор за многу емоции …

Низ лицата на секој танчар на „Кодартс“ од Ротердам гледате и нешто лично, тоа е оставање на своето срце секогаш на сцената на која се настапува.

Вчера беа во Скопје, а од денес патуваат на нови локации по светот низ календарот кој им е пополнет за две години однапред … зошто се навистина на врвот.