„Портрет на публиката“ изложба на слики од Дафина Шекутковска

На 18 април, 20 часот, во Културно-информативен центар – Скопје, Салон Империјал 2, се отвора изложбата на слики од Дафина Шекутковска насловена “Портрет на публиката”.

ПОРТРЕТ НА ПУБЛИКАТА

Човештвото, ги употребува науката и уметноста за воспоставување на нашето функционирање и прогрес на оваа топка, почнувајќи од нашето најнепосредно во кое го препознаваме сето, тие  имаат смисла само тогаш кога хуманоста е нивната цел. Со посветеноста кон науката и особениот интерес и смисла за уметноста, Дафина има својствен пристап кон одреден амалгам којшто непосредно комуницира со човековата суштина во рамките  на нашето знаење за надворешниот свет.

Со пристап како при решавање на равенка, таа во своите дела ги поставува познатото и непознатото како елементи на формула со која треба да се изнајде точното решение. Со други зборови, покрај тоа што ги посочува проблемите, таа во својата ликовна уметност предлага и решенија преку утврдени законитости и методи на физиката и математиката кои ги објаснуваат феномените на универзумот кои не опфаќаат и нас како луѓе, поставувајќи паралела со социо-психолошките феномени, каде колективот влијае и ја гради единката, и обратно, единката влијае и го гради колективот.

Покрај делата инспирирани од физиката и математиката, во оваа изложба ги поставуваме прашањата ,,Дали е промената на индустријата е поскапа од нашите животи”  и ,,Нели е односот кој го имаме со себеси, еднаков на односот кој го имаме со животната средина?”. Ја доживуваме иднината, која треба да дојде побрзо, со делата за обновливите извори на енергија “Ветер”, ,,Сонце” и ,,Вода”, бидејќи нафтата, јагленот и природниот гас, според пресметките ќе се потрошат за 50 години, и ни го скратуваат и одземаат животот. Ги гледаме вистинските проблеми на животната средина, кои според научниците се апатијата, алчноста и себичноста, а не недостатокот на наука за подобрување на животната средина. Со прошетка на луѓе од бетон, го гледаме новиот Генерален Урбанистички План 2023-2033 за Скопје. Ја воочуваме девалвацијата на вредности и моќта на слободата на мислата.

Со инклузивност, ја потенцира грижата еден за друг, како витален аспект на самиот опстанок. Седум дела се изгравирани поради  посетата на децата со оштетен вид, а меѓу делата е изложен и портретот на дедо и Радојко Кочоски, кој во 1962 е еден од авторите на првиот буквар на Македонски јазик за деца со оштетен вид, кој се употребувал до пред седум години. 

Куратор – Милко Несторовски

Биографија:

Дафина Шекутковска е родена во Скопје на 04.07.1990. Ги завршува своите студии по теоретска физика на УКИМ, а потоа магистрира на Обновливи извори на енергија на ФЕИТ и Варшавскиот Универзитет за Технологија, по што четири години работи како професорка по Физика. Учествува во групна изложба во Саатчи галеријата – Лондон во 2018. Дел од нејзините дела беа прикажани во Ноушенс магазинот од Сингапур во 2019. Vo 2020 има самостојна изложба “Бифуркации” со 47 дела во НЛБ Галерија, Скопје. Понатаму во 2021 е сценограф, директор и продуцент на краткиот филм “Столче”, подржан со грант од Норвешкото министерство за култура, организацијата Стичинг Уметност 1, Скопје Филм Фестивал и Квир и Мигрантски филмски фестивал, кој е прикажан на Лифт-Оф фестивалот во Англија и во Кинотека на Северна Македонија. Во 2021 има и самостојна изложба со наслов “Убавината на квантните честици и образовниот систем” во Монтажна Галерија – дел од Центарот за Современи Уметности. Во 2022 има самостојна изложба со наслов “Јазик + Информациска контрола” во просториите на Младински Образовен Форум. Истата година има ретроспективна изложба во склоп на настанот Културно Лето Вевчани.

Изложбата ќе биде отворена до 24.04.2023 година.