„Крај Вардарот сесии со Аудиокултура“ во МКЦ

Културниот билтен на настани, на 19 мај, бележи целодневен концепт насловен „Крај Вардарот сесии со Аудиокултура“.

Имено, долгорочниот проект „Крај Вардарот сесии“ во Аудиокултура, на 19 мај ќе го реализира осмиот настан од вкупно предвидените 11. Овој пат во МКЦ, преку целодневна програма која преку неколку различни настани ќе ја долови суштината на проектот чија крајна цел е креирање на материјали со кои ќе се збогати не само македонската музичка архива, туку и мемоарите на општествената културна историја.

Проектот од самиот старт беше најавен како концепт кој, преку настапи во живо на истакнати музички имиња, ќе ја надмине основната форма на промоција на квалитетна музика, нудејќи и на публиката уникатни искуства преку низа специфичности својствени за Аудиокултура која одамна е предводник во поставувањето на нови музички, звучни и културно општествени стандарди. До сега, во Аудиокултура се реализирани вкупно 7 настани на кои свои настапи во живо имаа истакнати музички имиња. Од секој од овие настани, реализирани во совршени акустични услови и звучно репродуцирани преку врвните hi-end системи од teoharov audio, е документиран аудиоматеријал од кој на крајот на 2023 година ќе биде издаден винил запис. Осмиот настан од овој концепт ќе има своја проширена варијанта за која Аудиокултура во заедничко партнерство со Божиновски часовници и накит, Теохаров аудио и ПМГ Рекордингс, креираа целодневна програма од тематски настани кои ќе се реализираат во рамки на официјалната програма од четвртото издание на фестивалот „Крај Вардатот Џез“

Реализацијата на истата ќе започне во 19:00 со изложбата на фотографии од Татјана Ранташа, Стефан Рајхл и Благоја Ангеловски. Во оваа прилика ќе бидат изложени дел од фотографите настанати за време на претходните 7 настани од концептот „Крај Вардарот сесии“ во Аудиокултура. Изложбата ќе биде проследена со музика снимена во живо од настаните “Крај Вардарот Сесии” во Аудиокултура, пренесена преку системите од Теохаров аудио. Поставката од фотографии ќе биде изложена во холот на МКЦ до завршување на последниот настан од предвидената програма.

Музичката доминација ќе продолжи во 20:30 часот за кога е закажан настапот во живо на дуетите Букршлиев – Томевски и Кондовски – Дробицки. За изведба на Букршлиев – Томевски се својствени слободна и дискретно структурирана импровизација на нетипични камерни формации. Во оваа прилика, својата уиграност и развиената телепатска вештина за музичка комуникација ќе ја покажат преку промоција на албумот „Something Lonely in the Bone“ во издание на ПМГ Џез.

Пред стартот на последниот настан од овој концепциски, музичко-уметнички ден, Аудиокултура и Божиновски часовници и накит, под чие заедничко партнерство ќе биде издаден винилот „Најдоброто од лрај Вардарот сесии во Аудиокултура“, ќе споделат значајни детали за истиот. Имено, ќе стане збор за деталите на оваа уникатна приказна која обединувачката моќ на музиката ќе ја пренесе, не само преку музиката како таква, туку и преку форматот, дизајнот, бројот на примероци и локации на кои ќе може да се купи ова извонредно парче музика.

Целодневната културна авантура ќе биде заокружена со настап во живо на дуетот Кондовски – Дробицки. Нивната соработка е документирана низ неколку изданија, делумно испланирано, делумно импровизирани, но секако непогрешливо квалитетни.

Она што е особено важно се високите организациски стандарди и промоцијата на врвниот звук својствени за Аудиокултура. Во оваа прилика, специјално за оваа целодневна програма, во МКЦ ќе биде поставен сетап од hi-end системи од teoharov audio преку кој ќе се реализира звучната репродукција на сите тематски настани. Со цел доближување на ова можност за уникатно доживување на музиката и врвниот звук од што поголем број на публика, влезот за настаните ќе биде слободен