Концептот „Live at Audiokultura“ ја заокружи својата прва сезона

Средата која измина во Аудиокултура се реализираше последниот настан од првата сезона на концептот „Live at Audiokultura“.

Со настап во живо на Групата Баклава се заокружи целина од извонредно квалитетен проект кој, не само што преку 18 мини концерти успеа да одржи врвно ниво на квалитет и актуелност, туку и ги надмина сите високи очекувања кои публиката попатно ги зголемуваше.

Промовирајќи го својот најнов албум „За Скопје со љубов“, овој бенд се впиша на списокот од извонредни музичари кои оставиле свој уникатен печат во развојот на овој одличен концепт.

Авангардниот концепт кој Аудиокултура го изгради под генерално покровителство на Комерцијална банка, презентирајќи беспрекорност од секој аспект, наметна еден сосема поинаков и повисок социјален, музички и звуковен стандард. Ваквиот темелен пристап и посветеност кон музиката и културата воопшто, несомнено остава сериозен печат на едно време и делување кое не треба да заврши, туку само да се надградува.

И ќе се надградува. Приказната „Live at Audiokultura“ со своја втора и сигурно уште поубава сезона ќе продолжи веќе во септември … кон одново креирање на дела и трајни вредности чиј неприкосновен квалитет ќе го прошири кругот од љубители на музиката и добриот звук.