Саботно џез матине во Аудиокултура со студенти од Музичката академија во Штип
Да се следи настап во живо на млади музичари е неверојатно искуство кое вдахнува емоција на возбуда … и надеж дека оваа младина ќе има сила и истрајност до недоглед да трага, истражува, учи и покажува како се живее музичка култура.
Беше задоволство да се ужива во едночасовниот репертоар отсвирен со младешки ентузијазам и врвна спремност кои ги покажаа талентираните студенти изминатата сабота во Аудиокултура.
Сосема заслужено овие млади студенти се првите кои ја добиле можноста преку „Studenst play music at Audiokultura“ да ги искусат сите привилегии кои ги нуди Аудиокултура како музичка сцена и во своето портфолио како основа за надградување да го впишат искуството да се музицира пред публика со префинет вкус и аудиофили со високи музички и звучни познавања.
Овој настан беше првиот од 5-те предвидени како дел од „Live at Audiokultura“ преку кој Аудиокултура во континуитет поттикнува афирмација на музиката, музичарите и придобивките од нивна достапност како основа за социо-културно живеење.
Следниот настап на бенд креиран од студенти на Музичката академија при универзитетот Гоце Делчев од Штип ќе биде последната сабота од месец април.