Музичко-документарниот филм за Перо Ловшин, еден од првите панк рокери во Источна Европа во Кинотека

На 22 и 23 февруари од 20 часот во Кинотека ќе биде прикажан долгометражниот музички-документарен филм „Перо Ловшин – Ти можеш“ кој ја раскажува приказната на Перо Ловшин, еден од првите панк рокери во Источна Европа. Гостин на проекциите ќе биде токму Перо Ловшин. Тој, како фронтмен на Панкрти, со текстовите и активизмот одбележал цел еден период од историјата на Словенија.

Настанот е во организација на Словенечки центар – Скопје и Кинотека, а по повод Прешернов Ден.

Режијата на филмот е на Јани Север, кој е и автор на сценариото заедно со Стојан Пелко. Улогите во филмот ги толкуваат: Ловшин, Биг Фут Мама, Присмојени професори блуза. Долгометражниот музички-документарен филм ја раскажува приказната на Перо Ловшин, еден од првите панк рокери во Источна Европа. Гостин на проекциите ќе биде токму Перо Ловшин. Тој, како фронтмен на Панкрти, со текстовите и активизмот одбележал цел еден период од историјата на Словенија. Во режија на Јани Север, филмот го опфаќа периодот на анархизмот и бунтовноста на 1970-тите години, независноста на Словенија, демонстрациите во центарот на Љубљана, сè до учеството на UEFA Euro 2000 во Амстердам.

Панкрти, формирани во 1977, во мала населба во околината на Љубљана, се најверојатно првиот панк рок бенд во тогашниот источен блок, зад железната завеса. На самиот почеток свиреле преработки од етаблирани панк и рок групи како Sex Pistols, The Clash, New York Dolls. Биле дел од сега веќе легендарната компилација Novi Punk Val. Во 1980 го објавуваат нивниот прв долгосвиречки проект, винил албумот „Dolgcajt“. Препознаени по ангажираните социјално-политички текстови и коментари, Панкрти стануваат култен бенд на територијата на некогашна Југославија. Нивниот втор ЛП „Državni ljubimci“ доживеа одличен одѕив меѓу критиката и публиката и беше прогласен за југословенски албум на годината.

Во 1996, настапуваат како предгрупа на нивните идоли Секс Пистолс, во рамките на настапите низ Словенија. Застапени се и во фалениот рок документарец во продукција на Рајко Грлиќ – СРЕЌНО ДЕТЕ (Sretno dijete).