Интимно матине со песната на Славејот Интервју со Бранислав Николов
Интимно матине со песната на Славејот
Интервју со Бранислав Николов
Неодамна, во една ретка колизија на две моќни уметности, поезијата и музиката, Пијан Славеј ја разлеа магијата на сцената на Народниот Театар во Битола, придружен од Пеце Трајковски, Славчо Јовев и Андреа Мирческа. Приредувајќи еден (не)намерен мастерклас за тоа како треба да изгледа домашно, а светско, во времетраење од неколку часа, фронтменот на „Фолтин“, ја дефинира новата адреса на музика која мераклиски би ја слушале пиејќи го попладневното кафе или додека муграта со утрото води љубов.
Сепак музиката на Пијан Славеј е поголема од идејата за кршење на тишината, не го ограничува слушателот на временска зона или когнитивен „полициски час“, напротив, создадена е да го ослободи од кафезот и да го регенерира индивидуалното чувство на исполнетост. Со редимензионирање на лириката, Бранислав Николов, нотите и стиховите ги преиначува во душевна храна во која еднакво се ужива и ужина. Од шансони, инструментални премини до модерен електро такт, Пијан Славеј ѝ приредува на публиката незаборавно искуство, слично на катарза. Во неговите слободни стихови, задоени од постмодернизмот ( „Мижам да не те сретнам“, „Комплиментот нема смисла„, „Сите вљубени сончогледи ќе ослепат на крај“) ја почитуваат оваа политика на детоксикација преку музиката, следат една синапса на противречност, лесна инструменталност со тешка и длабока, стиховна алегорија. Со прониклив сарказам Пијан Славеј ја опејува љубовта и нејзините хомоними, оние што во неговите песни се обидуваат да звучат исто, а различно се слеваат во едно капитално прашање:
“Ако светот може без тебе да врти,
ќе го пуштам сам да шета по вселената,
кон тебе се вртам со тоа пусто прашање,
треба ли за љубов да се пее по сеќавање?”
Елементал оствари интервју со Пијан Славеј во кое, барем на кратко, беа допрени сите тактилни точки на уметноста, на нејзината кршливост и маркетиншка злоупотреба, но и преплетувањето на пишаниот збор со петолинието.
Елементал: Музичкиот репертоар на Балканот е закрпен за еднообразен жанр, што често е користен како емоционален допинг и на фестивали, настани, па и по угостителските објекти. Дали кога почнуваше вашата приказна бевте исплашени дека публиката нема да го препознае квалитетот можеби затоа што предолго била задоена со клише?
Пијан Славеј: Мислам дека клишето на емотивниот допинг со балканската музика е веќе светски замор. Тоа е приказната за стариот и досаден свет. Но, светот не се движи никогаш сам од себе, а тоа што го турка напред е младоста. Таа го има чувството дека е важна, дека е тука да промени, да подобри, и најпосле, да биде различна од сѐ она што слабо ги задоволува потребите на новото време. Со други зборови, младиот креативен човек сака да го гледа светот со сопствен, нов поглед, и ништо не сака да знае за публиката и нејзините очекувања. Само почетниците ја имаат привилегијата да не се вртат назад, да не мораат да се борат со самите себе од претходниот обид. За нив сѐ е таму напред, и сѐ е возможно. Во уметноста, младиот човек е секогаш добрата вест.
Елементал: Поезијата е љубовница на музиката, или обратно (не би можеле да разграничиме која прва дошла на светот) можеби затоа што и двете имаат заедничко: емоциите и ритамот. Дали создавањето на песна без музика и на музика без текст е тежок процес? Или едноставно, при самото создавање една со друга се наоѓаат, како и митот за сродните души?
Пијан Славеј: Ете јас, не сакам многу да ги разграничувам. Поезијата се случува кога мислите се конкретизираат во естетско совршенство. И тука тоа естетизирање подразбира мајсторска употрeба на сѐ што го распева јазикот. Па така, поезијата сама по себе, меѓу другото, е и звучност на јазикот. Поезијата сама по себе содржи музика. Но, од друга страна, ако може тоа така одделно да се разгледува, и музиката е поезија. Затоа што музиката и без зборови може да искомуницира благородни мисли и чувства. Во една експериментална фаза на Фолтин, тргав од музиката и на неа усогласував измислен јазик. Функцијата на тој “текст” на измислен јазик беше чисто естетска. Сега е најчесто обратниот редослед: прво доаѓаат зборовите и тие после сами си ја бараат музиката. И тоа не значи дека едниот начин е поприроден од другиот. Важно е тие да се сакаат, зборовите и мелодијата. Тоа е вроден сојуз на значењето и звучноста.
Eлементал: Дефинициите за добар интерпретатор се поместуваат од деценија во деценија, што благодарение на технологијата која шминка гласовни способности, што поради побарувачката на публиката која често се води по старата “книгата според корицата”. Не е застарена приказната за домаќинката Сузан Бојл која ги сруши стереотипите низ светот. Дали вокалот се’ уште е еден од водечките премиси за из’ртување на сцената?
Пијан Славеј: Јас припаѓам на генерациите што растеле без некое посебно шминкање на снимките. Подоцна дојде и таа можност. Па доjде и ерата на домашните студија каде можеш да се “разубавиш” до непрепознавање. Но тоа е микрохирургија. Тоа не може да покрие ништо од аспект на суштинскиот израз, од магијата, од маестралноста, од квинтесенцијалноста. И не зборувам само за вокалот. Добро, вокалот е еден од најтешките инструменти. Неговата комплексност не е условена само од талентот, вежбањето, практикувањето, туку и од физиолошкиот и психолошкиот профил и состојба на пејачот. Неговите технички и уметнички вредности најчисто се гледаат во живата и директна комуникација со публиката. Па затоа луѓето и одат на концерти. Одат за одблиску да се соочат со вистината, со надеж дека ќе бидат вознесени од неа.
Eлементал: Фолтин се верни соработници на Битолскиот Театар, но и филмски композитори (ја компониравте музиката за номинираниот за Оскар “Honeyland”), што докажува дека уметностите се интередисциплинарни геометрии кои некогаш некаде, но и секогаш и секаде димензионално се поклопуваат. Што е поразлично во театарската/филмска музика од онаа “регуларната”?
Пијан Славеј: За нас може слободно да се каже дека скоро од самиот почеток ја приграбивме сценската музика, или пак таа нѐ приграби нас. Како што се појавувавме на сцената така и театарот стануваше сѐ позаинтересиран за нас. Едноставно, имавме заедничка линија на живот. Последниве години веќе полека се раздвојуваме, но тоа не го расипува впечатокот дека цела музичка кариера ни е проткаена со работа на театарска и филмска музика. А тоа што ја разликува наменската музика од онаа, како ја нарековте, “регуларната” е фактот што оваа последната ја правите за себе, и не одговарате пред никого за ништо што ќе ви падне на памет да искреирате. Разликата е во слободата и независноста. А секако, има и преклопување – дел од тој корпус на театарска и филмска музика првобитно бил замислен да биде концертна и албумска, и обратно, некои песни подобро се снашле во театарот или на филм иако биле замислени како музика заради музика.
Елементал: Во мрачни интервали од историјата да се биде поет, освен во служба на царот било забрането, па и погубно. Денес ја имаме слободата на говор како моќна алатка, а сепак се случуваат инциденти( за пример ќе го земам Салман Рушди и Џенин Каминс, авторка чија турнеја беше откажана поради револт на одредени етникуми за напишаното). Дали навистина поетот е слободен во сопствената мисла или и таа е условена од некој општествен стратум?
Пијан Славеј: Дали човекот, или ако повеќе сакате поетот, е слободен во сопствената мисла, тоа е прашање на лична определба. Структурите на моќ условуваат на различен начин. Може да се врши директен притисок и да се екскомуницира, а може и суптилно да се дискриминира. Но, како и секогаш, слободната мисла доаѓа само до слободните уши и умови. Тој што не сака да знае нема да дознае, па дури и пред него лично да се посведочи вистина. Идеите можат да бидат поопасни и помоќни и од куршумот. Затоа се строго контролирани. А да се биде прогнаник, маченик, па и жртва за идеалот, тоа не може секој, без разлика на мотивите.
Елементал: Што/кој е епицентар на вашата инспирација?
Пијан Славеј: Сѐ она што резонира во мене; што празнично ги чука камбаните на мојата внатрешна црква.
Елементал: Моцарт бил чудо од дете, но умрел сам; во 20-те години на минатиот век џезот и блузот им ја дале долгосонуваната слобода на Aфро-Американците. Кога би можеле да одберете во која епоха, век, период од музичкиот времеплов би одбрале да живеете и зошто?
Пијан Славеј: Ова ме потсети на филмот “Полноќ во Париз”, каде носталгичниот писател, свртен кон вредностите од минатото, надреално е однесен во епохата која според него е највредна да се проживее. Но, таму гледа дека личностите на кои им се восхитува, поврзувајќи ги само со таа “најдобра” епоха, всушност, самите би одбрале да живеат во сосема друг период со сосема други вредности… И така во недоглед, дури не сфатиме дека човек мора да биде задоволен во своето време, со своето време и со своите луѓе. Инаку, мој личен избор се 60-тите и 70-тите години од минатиот век, затоа што се преродбенички моќни, топлокрвни, човечни, па и некако повистински. Но сакам да ги слушам, а не ми паднало на памет ни оддалеку да посакам да живеам тогаш. Музиката е секогаш, а животот е сега.
Елементал: Која асоцијација би сакале да биде поврзана со „Пијан Славеј”, не сега, туку по 20 години?
Пијан Славеј: Уф, ми се чини премногу обврзувачки да размислувам подлабоко на тоа прашање. Веројатно, а тоа го замислувам со голема нежност, би сакал да бидам ѕвонарот во црквата на љубовта.
Пишува: Јована Матевска Атанасова