За прашањата и пречкртаните одредници
За прашањата и пречкртаните одредници
На 23 јуни публиката на Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола имаше чест да проследи две поставки , адаптирани според текстовите на големите руски класичари.
“ Избувливиот човек” во продукција на НУЦК “ Бели Мугри” Кочани е монодрама работена според книжевните нацрти на Антон Павлович Чехов и неговата истоимена творба. Режисерот Перо Даниловски на привлечен и аморфен начин го доближува делото на големиот писател кое претставува и негова најголема книжевна отстапка, исчекор од стандардизираните карактери, потчинети на натуралистички порабената руралност. Но сепак, Николас е вивидно апсурден лик со природната номенклатура на колерик. Има своја цел а тоа е дисертацијата за “кучешкиот данок”. Неговото внимание е одвлечено, не и привлечено, од детинестата Васјенка, која се обидува да го набеди на неговата невозвратена љубов кон нејзе.
Двослојната личност пак, Ефтим Гаурски ја владее како стих на химна и не само во типологијата на јунгова сенка и нејзината маска, туку и на лицето на актерот, во неговата интонација и телесно држење. Се чинеше како Гаурски навистина да дисертира на релација меѓучовечки односи. Низ неговата мимика поминаа и ликот на мајката на Васјенка и ранетиот писател и раноцветните девојки, речиси како да се магентизираа за остроумно отсликаната глума. Гаурски наизменично менуваше поларитет, френетично и тактилно, така што успеваше да ја засмее публиката, но и да ја замисли. Кој е човекот со кого бериме печурки и во поздрав го одминуваме? Дали ги предвидуваме несреќите, расудувајќи преку интуицијата или со емоцијата?
Николас е симболика на интелектуалецот, кој генијалноста ја храни со остатоците на својата раскршена ранливост. Чувствува гадење кон комформистичкото легло, но сепак не наоѓа сила да се спротивстави на изборот. За него не постои дуализам, само еднонасочност. Во кафезот на раздразнето куче е скриена неговата неодложна и анимална енергија на примитивност. Од точка на психоанализер, монодрамата содржеше навестувања за потиснатиот хостилитет на главниот лик, како обидот на Николас да ја сублимира агресијата преку касапство( на секој наплив на бес ја креваше секирата) , затемнувањето на сонцето(сетете се само на Камиевата теза за соларното слепило), компулзивноста да ги подредува шишенцата…
Кулминацијата беше достигната кога полната месечина го покажа образот, долго криен под голтнатите таблетки, кои биле негов штит, бестијалниот танц, координирањето со екстремитетите, поттикна нов бран на возбудување и публиката силно го почувствува обескоскувањето на Николас, но и професионалната телесност на актерот Гаурски, кој не се штедеше за да го изведе перформансот до крајната точка на перфекција.
Колку долго човекот успева да го носи кожувот на ѕвер без силната и гнила миризба да ги предупреди останатите на неговата нечовечност? Дали адаптацијата може да го смекне грубиот израсток и тој да стане дел што ќе живее во телото без да ја пореметува неговата функција?
Потчинети на залаците кои се дебели и преголеми за тесните грла, се гушиме, ни се причинува дека чумата ја создава природата, а човекот границите. Но одговорот е погребан во просечната брзина на нашата заблуда, глумењето социјална прифатеност.
“ Кротка” воодушеви со наизустниот и аподиктичен тон на Стојан Велков. Публиката како под масовна хипноза го слушаше исповедот на лихварот, кој навикнат да преговара и притоа да ги добива производите по цена која сам ја одредува, се заљубува во нежната и кротка девојка. Да, мора да ја добие и неа, недопрената суровина, девствената роба. За жал, несреќата ја носи во незавидна положба и таа, немајќи друг излез, наскоро стапува во брак со сопственикот на заложницата.
Но на површина испливуваат нивните разлики, нивните склоности да ја одбијат љубовта, да се однесуваат грубо и дисфорично, да си причинуваат соперништво во истородно гнездо. Амбивалентноста на нараторот е добро избрусена за публиката да ја довдеде до транс, режисерот Дејан Ангелов колоквијално ги пренасочува писанијата на Достоевски до аудитивен занес.
Восочноста на нараторот, а и целосната сценографија добро потсетуваше на страница од готски хорор која заживува при читањето. Осветлувањето на сцената направи уште една , намерна или не, сцена, сцена во сцена, која го редимензионираше подиумот од сенката на Велков, што само ја зголеми тензијата и антиципацијата, но и го изостри љубопитното око. Тишината се подаваше како клопче низ публиката, внимателното и будно следење на метатрофираниот вдовец, кој барајќи ја причината за самоубиството на вљубената, се бара себеси. Длабоко, жедно, ненаситно, интроективно надушкувајќи ги обележјата кои го направиле емотивно миниран.
Несомнено “Кротка” настапи со преседан. Независната продукција за култура “Транзен” од Струмица, ги постави, покрај својот труд и сценски орнаменти, езгичните прашања кои ја проветруваа омарната вечер: Дали сме мекотели суштества кои лигаво ја влечат тежината , од страв дека ќе бидеме прегазени од времето, од туѓите чувства, од непогодите кои се случуваат во нашиот сентиментален метаболизам? Дали и ние како и полжавите, живееме секој под свој дом, затоа што егоистичноста ја надминува сплотеноста?
Да, умираме сами, смртта е воајер, доаѓа по секој од нас со својот вкоренет идеал на неостварување, во прегратката на оноземска сила ја предаваме, без борба, душата која испарува во студена човечка пара. Но меѓу луѓето често шетаат и мртовци кои уште ги движат нозете и ги чуваат капите на својата глава.
автор: Јована Матевска Атанасова