Софи Хана: „Агата е дел од мојата литературна ДНК“
Софи Хана: „Агата е дел од мојата литературна ДНК“
Софи Хана се лансира во авторската елита ферментирајќи во своите книжевни тегли заводливи заговори и мистерии за Херкул Поаро. Како единствениот писател на светот на кому му била доверена светата реликвија- да го оживее омилениот белгиски детектив на публиката, нејзината згрижувачка задача била повеќе доблесна од тешка. Но Софи Хана е повеќе од Поаро. Таа создава и твори со флуидноста на еден генијален ум и нескромно би се кажало дека е детектив скриен во кожувот на писателка.
Меѓу другото, Софи Хана ја остварува и својата страст кон популарната психологија, така што работејќи на себеси, таа остава трага и во полето на литературата за самопомош. Сестрана и помалку мистериозна, Хана го живее животот со мисловната динамика на Поаро: кој од дружината замислени ликови кои живеат помеѓу печатарските редови ќе биде следниот убиец?
Елементал: Кое е вашето мислење за жанровската хиерархија? Зошто трилерите и крими-фикцијата се редовно потценети споредено со драмата, на пример? Зошто овие книги се сметаат за „инфериорни“ кога фактите говорат дека се втори по читаност и најдобро распродаден жанр на глобално ниво?
С.Х.: Mислам дека првенствено се сведува на снобизам и погрешно чувство дека ако книгата е заснована на заплет не може да се класифицира како „соодветна“ литература. Речиси постои идеја дека да се даде приоритет на задоволството на читателот пред сѐ останато- што е она што го прави големата криминалистичка фикција- е показател за нешто несериозно и недостојно, наместо да биде огромна особеност. Сметам дека е невозможно да верувам во било каква хиерархија која целосно ги игнорира преференциите на публиката, бројките зборуваат сами за себе, и мислам дека е јасно дека најдобрата криминалистичка фикција може да биде исто толку убаво напишана, иновативна и прониклива како и најдобрата литературна фикција (како што најлошото од двата жанра може да биде досадно и неинспиративно). Но за мене, добар крими-роман секогаш ќе има предност поради начинот на кој бесрамно ја извршува својата мисија да ме онеспособи да го спуштам.
Елементал: Вашите книги имаат интелигентни и невообичаени заплети, но исто, евидентно е темелното истражување со цел да ја доближите книгата до читателот. Колку време ви е потребно да го извезите мотивот, идејата, насловот? Која е најтешката фаза при пишувачкиот процес?
С.Х.: Бидејќи посветено и педантно планирам однапред, ова е фаза која бара најмногу труд. Никогаш не седнувам да го започнам вистинското „пишување“ додека не добијам сеопфатен „blueprint“ за секое поглавје. Без тоа не се знае дали финалниот производ ќе одговара на моите амбиции. Сакам да бидам целосно самоуверена кога ќе почнам да пишувам книга дека сите мои идеи функционираат заедно, ова чувство на сигурност дека целото скеле е цврство на своето место, комплетно ја ослободува мојата креативност, нема потреба дел од мојот мозок да се вкрсти во преиспитување на деталите, барање нови агли и перспективи. Доста често, иако тоа не се големите работи-концептот, мотивот, куката-за кои вообичаено е потребно време, за многу мои книги едноставно се појавуваат во главата од никаде, па ми преостанува само фино да ја изделкам приказната околу нив.
Елементал: Успеавте да изградите име за себе и да избегнете на стереотипите да бидете екстензија на животното дело ја Агата Кристи. Го гледаме Херкул Поаро во својата слава и сјај, тој сѐ уште е тука, но помеѓу Вашите заплети и зборови. Можеби ова е прашање на кое сте навикнале, но дали беше тешко, назад во 2013, да се напише првата реченица, да се нурните во универзумот на интриги создаден од кумата на крими-фикцијата?
С.Х.: Од една страна очигледно беше застрашувачка перспектива да ми биде доделена најбрилијантната и најпрепознатливата креација на Агата Кристи за да работам со неа, бидејќи толку силно чувствував дека сакам правда за Поаро-кој е сакан од милиони читатели. Од друга страна, не беше тешко- бев воодушевена и полна со енергија од задачата: враќањето на Херкул Поаро во живот беше најголемата чест во мојот живот и притоа можност која ни во најлудите соништа не би ја замислила. Јас сум посветен фан на Агата Кристи- читајќи ја и препрочитувајќи ја нејзината целосна колекција- уште од 12 годишна возраст. Затоа не само што Агата е дел од мојата литературна ДНК, туку Поаро го чувствував како стар пријател кога ја започнав серијата. Имав идеја за заплет што едноставно не ми изгледаше соодветен за моите психолошки трилери или мојата детективска серија и сфатив дека брилијантно прилега за Поаро, па не морав да се мачам околу пронаоѓањето на совршена идеја.
Елементал: Го изделкавте Едвард Кечпул со сензибилитет, но навестување на нов, приземјен додаток на познатата книжевна таписерија. Тој е скромен, но жеден да научи, тој е себе-проекција, ако не грешам. Кога се роди овој интригантен инспектор? Која беше искрата или можеби потребата, не да се згрижи, како во случајот со Поаро, но буквално да се роди инспекторот од Скотланд Јард?
С.Х.: Го измислив Кечпул затоа што знаев дека мојот стил и глас како автор очигледно се разликуваат од Агата Кристи и многу сакав да ги пишувам романите како себеси, а не некоја имитација на Агата Кристи. Така дојдов до идеја за нов лик кој ќе биде раскажувач на приказните за да ја разберам разликата помеѓу овие нови книги и книгите на Агата Кристи. Кечпул е самопроекција во смисла дека тој, како мене, е сосема нова личност која работи со Поаро. Поаро од моите книги е таков каков што се гледа низ очите на Кечпул, и иако моја цел е секогаш да се држам цврсто за визијата на Агата Кристи за Поаро (бидејќи тој ѝ припаѓа нејзе, не е мој за да го чепкам!), филтерот на Кечпул објаснува какви било разлики или оддалеченост што читателите би можеле да согледаат.
Елементал: Што сѐ уште не искусил Херкул Поаро и покрај неговиот живот збогатен со авантура и улиште од емоции?
С.Х: Мислам дека нема многу што Херкул Поаро не доживеал во книгите на Агата Кристи. Искрено, не ме интересираше каков било развој на карактерот, тој е совршен каков што е и не би било мое место да го испратам во нови насоки, што се однесува до неговиот карактер. Она што успеав да го направам е да создадам нови, збунувачки мистерии за тој да ги реши и, најважно, да ставам нови ликови на неговиот пат- затоа што преку неговото прецизно истражување на психолошките длабочини на ликовите и неговата неодолива љубопитност да ги открие скриените вистини зад фасадите што му се презентирани, Поаро е во состојба да ја одгатне мистеријата. Постојат онолку можности за нови искуства за Поаро колку што има луѓе на планетата-бескрајно снабдување со неврози, стравови и желби.
Елементал: Кои се Вашите идни планови за серијалот? Уште колку време му остана на Херкул Поаро? Дали планирате да напишете нешто сосема спротивно од крими-жанрот, само за да го прееизвикате вашиот талент?
С.Х: Во моментов немам планови за идни книги што се однесува на Поаро, но обожавам да се растегнам и да се вклучам во области нови за мене. Неодамна напишав уште една книга за самопомош „The Double-Best Method“, кој е мојот апсолутно непогрешлив начин да се осигурам дека ќе ја донесам вистинската одлука 100% од времето. Имам афинитети кон коучинг- сум сертифициран животен тренер. Мојата онлајн коучинг програма за писатели „Dream Authors“ е голем дел од мојот работен век како и пишувањето. Ќе има повеќе книги за пишување за серијалот „Dream Authors Coaching“.
Неодамна започна со снимање и филмската верзија на мојот мјузикл „The Mystery of Mr. E“, кој премиерно ќе биде прикажан во ноември оваа година и ќе се емитува на Амазон платформата во декември. Така што, да, сакам да излегувам повремено од мојата „комфорна зона“ и да вежбам неискористени креативни мускули!
Елементал: Ова е проективно прашање: Замислете се себеси како новововеден лик во новелата која ја пишувате. Која е вашата приказна во позадина? Кои нешта, емоции, настани, делови и особини ќе ги пресликате од вас и радосно ќе ги предадете на овој книжевен лик, а кои ќе ги отсечете?
С.Х: Бидејќи обично пишувам и максимално сум посветена на криминалистичката фантастика, секогаш има нешто од мене во мојот детектив-или мојот протагонист во детективска улога- во смисла дека ако најдам нешто или некој збунувачки или мистериозен (а секогаш има некој зад нешто!) високо сум мотивирана да стигнам до место на разбирање, да ја решам загатката. Воодушевена сум и од процесот, и како што е неопходно за секој добар детектив, опсесивна во исчекување да дојдам до одговорот. Романот што моментално го пишувам „The Opposite Murder“, кој ќе биде објавен идната година, зборува за жена чиешто признание за брутално убисто е и нејзино алиби- била во полиција кога се случило убиството. Звучи како „висок концепт“, но постојано наидувам на ситуации во реалниот живот кои слично необјасниви (иако помалку драматични) и кои очајно сакам да ги решам.
Претпоставувам дека е добро што моите детективи не ја споделуваат мојата тенденција на одвлекување на вниманието гледајќи во куќи да купат Rightmove и мислам дека на никој од нив не би му дала ново кученце-мојата моментална ситуација-затоа што би им потрошило премногу продуктивно време!
Подготвува: Јована Матевска Атанасова