Чучук Стана: Србинка и Гркинка- Рани колку и крстови

*Народен Театар на Тимочка Краина „Зоран Радмиловиќ“, Заечар, Србија

Автор и режија: Жељко Хубач ; Актер: Наташа Петровиќ *

Горчина и бес, две именки што одат рака под рака кога историјата пишува монолози. Чучук Стана била жена херој опеана во песните и легендите за време на крвавиот пир на српските ајдуци против Османлиите, еквивалент на нашата Сирма Војвода. Не беше зачудувачки што претставата беше посетена во голем број од повозрасната публика, бидејќи кројот е тој, судбината била таква, слична на македонската опишана во драмите од XIX/XX век оставина од нашите најпознати драматурзи како Ристо Крле, Антон Панов, Војдан Чернодрински и Васиљ Иљоски.

Петровиќ со страст и беда на жена чии раце држеле револвери и кубури, наместо платна белени во потокот, со четири лузни од рани по телото ја бара сопствената правда низ векот, да се задоми како жена, но не жена на потчинет маж кој молчи и со молк го одобрува ропството на Турците. Нејзиниот идеал набрзо ги раскинува штеповите што со години се кроени од мајка ѝ, од баба ѝ- да биде чесна-првиот пат кога ќе се омажи за женет човек, а вториот пат кога од вдовица ќе стане повторно сопруга и мајка. Но несреќата е побрза од Чучук Стана затоа што таа свесно ја избира при изборот на сопруг, високоризични јунаци, ама корпулентни мажи (еротска фиксација) за кои се предвидува краток животен век.

Иако тремата се обидуваше да ја совлада на моменти, Наташа Петровиќ одлично и со многу чувства, па и женска гордост го украси монологот, подигајќи го крстот на Чучук Стана. Беше пријатно да се слушне народниот дијалект со скршнувањето од стандардниот српски јазик. Што се однесува до сценографијата, особено крајната сцена доловена со видео бимот предизвика реакции и морници, со очи кои трепкаат во црно-бела техника додека Чучук Стана се простува од третиот маж во нејзиниот живот, средниот син Александар.

Многу дилеми отворени како раните на Стана за хероите кои заминуваат тивко со најголема чест и на најсвиреп начин без да бидат запишани во читанките, за одрекувањето на татковината од јунаците и жртвите, за кнежевското владеење без обѕир за тие што го крунисале со титула.

“Чучук Стана” е одлом од историјата на Србија, битова драма за јадот на жена која ги надживеала јунаците и умрела каде што не се родила, во туѓи дворови.

Пишува: Јована Матевска Атанасова