Театарот е свет на неоткриеното
Мој идентитет
Театарската публика за прв пат имаше можност да го види во претставите ,,Животот е прекрасен” и ,,На дното’’ и, секако, не остана незабележан од страна на публиката .
Денес смело и храбро креира и го пренесува својот свет на сцената на Битолскиот театар .
Овој месец разговараме со младиот актер Никола Стефанов
За академските денови…
Никола Стефанов, 25 години од Битола. Пораснав во среќно семејство во кое секој има различна и специфична професија. Мора да признам дека мојата не беше омилена. ☺ Желбата за создавање театар се роди уште во средношколските денови. Учев во училиштето „Јосип Броз-Тито“ или по битолски – горната гимназија. Бев дел од училишната театарска група, со која годишно изведувавме по две претстави. Во тоа време постојано го следев репертоарот на битолскиот народен театар, а имаше и претстави на кои не пропуштав изведба. По претставите, редовно се продолжуваше во театарското бифе кај чичко Добре. Така одлучив да се запишам на академија.
Дипломирав на факултетот ЕСРА во класата на професорот Дејан Пројковски, кој ме научи како треба да се негува театарот. Академските денови ги паметам како нешто најубаво. Во класата бевме 12 студенти што работевме 24/7 и можам да кажам дека буквално живееме во театарот и за театарот. Како студенти, имавме шанса да играме во големи претстави, како на отворањето на Македонскиот народен театар во Скопје со „Вечна куќа“, „Мајсторот и Маргарита“, „Прометеј“ во Турски театар. Во тие денови научив дека театарот е свет на неоткриеното. Бара постојана работа и уживање во него.
Кое е твоето главно оружје да се избориш за својот свет како млад актер?
Вербата е мојот двигател, а истрајноста е моето оружје, бидејќи актерот мора да научи да чека.
Дали како млад актер имаш храброст да се потпреш на својата интуиција и гласно да го кажеш својот став и незадоволство?
Како млад актер се потпирам на својата интуиција и тоа „шесто сетило“ засега не ме изневерило. Но, за да се негува тоа чувство и за да се изгради и да се одбрани став на сцената, треба многу работа на себе. Само така на површина би излегол талентот на актерот, а тогаш не би постоел стравот да се каже личен став и незадоволство пред кого било.
Дали им се дава доволно простор на младите актери?
Категорично ќе одговорам – не. Живееме во време кога културата/театрите се во лоша состојба, а најпогодени се и младите актери. Најчесто се ангажирани хонорарно, а со тоа и во кризата со КОВИД-19 останаа „аут“. Време е нашите театри да ги отворат вратите за младите актери, бидејќи многу сме на број и може да твориме, да работиме и да создадеме нова млада театарска сила.
Повеќе уживаш во процесот на создавање или во репризите?
Уживам и во двете. Процесот на подготовка на претставата може да биде многу напорен. Бара имагинација, истражување и работа на себе за да се „изгради“ една улога. Секој нов лик е ново искуство. Додека, пак, секоја реприза како да е нова претстава. Во секоја нова изведба, ликот што сме го изградиле живее и се менува и одново се соочува со публиката. Аплаузот, пак, уште еднаш ве потсетува зошто вредел вашиот труд.
Ја имаше таа чест да играш во претставата „Животот е прекрасен“ во Македонскиот народен театар рамо до рамо со веќе големи и докажани актери, а истовремено да работиш со режисер како што е Александар Морфов. Не остана незабележан во таа претстава, а впрочем, тоа е и твојата прва професионална улога. Што научи од тој процес? И, еве, сега по неколку години, што значи тоа за тебе?
Да се работи со човек како што е Морфов е привилегија. Тогаш бев трета година на факултет, а тој го гледаше нашиот испит „Плеј Шекспир“. Не можев да поверувам кога следниот ден ми се јави и ме побара да одам на проба за „Животот е прекрасен“. Во претставата го играм ликот на глувонемиот Федја Петунин, кој ме научи дека актерот може да зборува без зборови. Како прва професионална улога, да се биде на иста сцена со веќе докажани актери носи голема одговорност. За мене тоа беше и пресвртница што ми ги отвори вратите, а улогата на Петунин секогаш ќе ми биде една од најдрагите. Во процесот учев знаковен јазик, што ми беше посебен предизвик и искуство.
Во која театарска форма би сакал да се видиш во иднина?
Комедијата ми се чини како неискусено поле. Би сакал да ја испитам повеќе и таа моја страна како актер.
Што е она што ѝ недостасува на театарската сцена?
Пред сè, недостасуваат богати репертоари и повеќе театарски фестивали и турнеи, кои се едни од најубавите работи за еден актер. Секако, креативноста е таа што нема граници и тука може повеќе да се експериментира. Во срцето на театарот мислам дека недостасува сплотеност, а можеби и храброст да се покаже став.
Кој е твојот идол?
Како актер, бараш инспирација во сè и во секого и постојано наоѓаш свои нови идоли. Мојот се децата, бидејќи бескрајно веруваат во сопствениот свет што сами си го создале. А, пред сè, за една добра улога треба да постои бескрајна верба или, како што се рекло, актерот треба да го негува детето во себе.
Како е Никола сега?
Жал ми е што последната претстава во која ја играм и главната машка улога, Роберт, во „И коњите ги убиваат, зар не?“ во режија на Мартин Кочовски, не доживеа ниту една реприза. Пандемијата нè затвори дома, се чини и премногу долго. Очекувам конечно да почнеме да се враќаме во нормала и да го надополниме изгубеното време со уште многу репризи на стари, но и на нови претстави и проекти.
И, за крај, што би им порачал на режисерите?
Правете отворени кастинзи, бидејќи има млади, талентирани и желни актери за работа.