“Растев низ гардеробите каде што тајно ги облекував костимите” – Одблиску со Илина Чоревска, актерка во Битолскиот театар

фото: Дејан Сајковски

Мој идентитет – Јас

Со театарската прашина ме заразиле уште на еден месец и оттогаш мислам дека ниеден ден кај нас дома не поминал без да се спомне зборот театар. Растев низ гардеробите каде што тајно ги облекував костимите што ми беа омилени, ги шминкав главите за периките во фризерницата (некои се така останати до денес), знаев што е текст уште пред да знам да читам и отсекогаш сакав да бидам актерка. Не е лесно да се носи товарот на две генерации актери пред тебе, зашто има многу споредби што не се секогаш добронамерни. Театарот за мене е единствениот живот што го познавам и уживам во професијата што ја избрав, тоа си го докажав и сега, кога не сум секоја вечер на сцена, сфаќам дека многу ми недостасува, навистина многу…

Завршив во една одлична класа што ја водеа проф. Владимир Милчин и Сузана Киранџиска. Една година паузирав бидејќи кога завршив средно токму таа беше празна и ја дочекав оваа проширена со повеќе луѓе. Бевме 71 на приемниот, ако добро се сеќавам, а ние 15-мина бевме избраните… какви луди денови, безгрижни во споредба со она што потоа те очекува во театарот. Благодат е да го имаш најдобриот професор, никогаш нема да го заборавам неговиот говор пред дипломската, работи од типот дека не е грев да кажеш не знам и да прашаш, дека актерот треба слуша и да гледа сè и дека кога ќе се пуштиме во рингот, ќе треба веројатно да се бориме до крајот на животот! До денес се исполни сè што ни рекол, а го слушав добро…

Мислам дека во класата немаше сличен еден на друг, така бевме избрани, ми недостигаат многу сите… и деновите поминати на ФДУ, а кога би имала можност да заменам еден ден од сегашноста, сигурно би го заменила за еден тогаш, за една луда журка до сабајле, па потоа колоквиум.

Што се однесува до моето созревање, мислам дека сè уште не сум стигнала онаму каде што се гледав, не сум сигурна дали некогаш ќе бидам сосема задоволна од себе, веројатно тоа е карактеристика на чуден перфекционизам.

А со Антигона живеам секојдневно, жената што е спремна да го жртвува сопствениот живот за да исправи некаква неправда ми е многу добро позната

фото: Дејан Сајковски

Повеќе уживаш во процесот на создавање или во репризите?

Сум имала процеси што ќе ги паметам до крајот на животот, а и репризи на кои се гордеам, бидејќи токму на некоја од нив сум открила многу интересни работи за себе, одредената претстава или театарот во целост.

Актерството за тебе е игра, професија или живот?

Премногу интересен за да биде живот, премногу важен за да биде професија, а само игра не го опишува доволно. Нешто многу свето!

Талент или среќа?

Луда среќа, би рекла.

Зад себе имаш многубројна театрографија и една од многуте клучни претстави за тебе е „Тапани во ноќта“ во режија на Мартин Кочовски, која всушност е претстава што ја роди новата ера на Прилепскиот театар. Колку денес ти недостига Ана Балике и тој брехтовски концепт што го креира Кочовски?

Ана Балике е оставена во некој друг живот, а со Кочовски оттогаш сме работеле уште најмалку пет претстави, од кои последната „И коњите ги убиваат, зар не?“ премиерата ја имаше на 30 декември, така што сè уште не ми недостасува ни тој, треба да помине малку подолго време (сигурна сум дека сите што работеле барем еднаш со Мартин ќе ме разберат, ха-ха-ха).

Секогаш е предизвик да се работи со Мартин, така што мислам дека тогаш кога работиме со него не сме ни свесни дека создаваме врвен театар, но одекот од неговите претстави секогаш останува. Така е и со „Тапани во ноќта“, би рекла дека е еден од ретките уметници, а не печалбари во нашата професија.

За Ана Каренина…

Тричасовен емотивен „roller coaster“. Различно се чувствував по секоја одиграна претстава, неповторливо искуство за еден актер… Едноставно, во мојот театарски живот има Ани што ми го обележале патот.

Гласноста на актерот кон општеството за тебе е…

Привилегија што ни ја дава сцената, а многу малку ја користиме. Има и актери што воопшто и не се дрзнуваат да говорат гласно (тука не ги ставам одредени проблесоци на профили на Фејсбук или Инстаграм). Често се прашувам: А, ако не ние, кој?

Дали досега си се сретнала со некој непредвидлив момент на сцената и што се случило потоа?

Искрено, не се сеќавам на некој таков, а сигурно го има.

Велат дека за да се создаде една монодрама, треба големо театарско и животно искуство. А Лина на свои 27 години ја имаше и ја играше својата прва монодрама „Антигона – вечерва морам да бидам храбра“. И за таа монодрама зеде награда на „Моно АКТ“ во Косово. Каде и како е денес твојата Антигона и дали повторно размислуваш да создадеш своја монодрама?

Не сум сигурна ни дека кога сега би се вратила на свои 27 години повторно би имала храброст (ако може така да се нарече тоа) повторно да направам монодрама. Со Антигона имав многу интересни мигови, кои некако подоцна ми служеа како патоказ во мојата професија. Но мислам дека уште еднаш нема да правам монодрама, зашто е навистина исклучително тешко кога се потпираш само на себе. За мене театарот е колективна игра, така што многу повеќе ме возбудува тоа. Но, благодарна сум што го имам целиот тој процес како искуство.

А со Антигона живеам секојдневно, жената што е спремна да го жртвува сопствениот живот за да исправи некаква неправда ми е многу добро позната.

Театарот е контакт и уметност на мигот, сè спротивно од социјалните дистанци и изолацијата. Што претставува театарот за тебе и со кои теми треба да се занимава?

Театарот треба и мора да биде брутално искрен и да поставува прашања. Ние имаме одговорност со секоја претстава што ја правиме, иако тоа можеби не изгледа така, ама за уметност денес се трошат пари и ние сме должни паметно да ги искористиме.

Театарот, според мене, по пандемијата ќе се врати многу посилен отколку што беше и воопшто не сум за тоа да се первертира или да се сведува на некои ситни форми што припаѓаат на други медиуми. За мене театарот е неговата основа – катарзата, која единствено се постигнува лице в лице помеѓу изведувачот и публиката. Сега сме во некој негов тивок занес, а ако бидеме доволно паметни да го искористиме по ова лудило, ќе грмнеме многу погласно. Сигурна сум!

Кое е твоето оружје да се избориш за својот свет и својот идентитет како актер?

Веројатно искреноста.

Што значи да се биде жена актер (предности и мани)?

Истото што и да се биде маж актер!

фото: Дејан Сајковски

Како е Лина денес?

Лина денес е конфузна, исплашена, бара одговори од животот што тешко ги добива… некако непријателски расположена кон себе, разочарана од голем број луѓе, со еден збор, во овој момент сум различна од она што некогаш бев или замислував дека ќе бидам.

(Можеби требаше да одговорам само со „добро“ ха-ха-ха.)

Што би им рекла на режисерите?

Различни работи… на некои дека ги сакам и им се восхитувам, на некои дека ми се инспирација, на некои да намалат со его-трипот, на некои – благодарам за тоа што веруваат во мене… А на еден конкретен би му рекла дека ужасно ќе ми недостасува!

Предлози

Три книги:

„Природен роман“ – Георги Господинов

„Сто години самотија“ – Габриел Г. Маркес

„И магарицата го виде ангелот“ – Ник Кејв

Три претстави:

„Илијада“, режија Јернеј Лоренци, копродукциски проект на Словенечкиот народен театар, Цанкарјев дом и Градскиот театар

„Медеја“, режија Владимир Милчин, НТБ

„Тапани во ноќта“, режија Мартин Кочовски, Војдан Чернодрински – Прилеп

„Бакхи – краток преглед на распадот“, режија Игор Вук Торбица, НТБ

 (И горда сум што две од моите омилени се продукции на Народниот театар Битола.)

Еден албум:

„Мezzanine“ – Мassive Аttack

Видео и монтажа: Дејан Сајковски