Актерството е здив без кој не се може – Одблиску со Трајанка Илиева Вељиќ – Таци, актер во Драмски театар Скопје
Мојот идентитет – Јас
За детството, младоста, соништата, желбите, за победите, за промените, за паузите…
Мојот раст на академските денови и што научив од мојот професор – ментор..
Кога и да се сетам на детството во преден план ми се игрите и другарите. По цели денови игра, игра, игра… Постојано бевме надвор смислувајќи нови игри, растев во Аеродром и населбата ни беше преполна со деца.Потоа дојде училиштето, па морав да комбинирам играње и учење, но играта никогаш не ја оставив. Таа и денеска е составен дел од моето секојдневие, и со децата и со театарот.
Се сеќавам дека организирав приредби и тоа го правев многу често и цело маало го заразив со таа идеа. Пеевме, игравме, подготвувавме сериозни кореографии, а на родителите им наплаќавме карта, како би имале парична награда за победникот!хахахахахах
Отсекогаш сум мечтаела, тоа никогаш не се промени кај мене. Некако од многу мала се замислував како играм на сцената на Драмски, рамо до рамо со сите колеги на татко ми. Токму тие мечти ме поведоа по патот за да стигнам онаму кај што сум денес. Променив неколку школи, па дури и студирав 3 години физика на ПМФ и покрај тоа што во мене никогаш не постоела друга опција освен ФДУ. Но ете, требаше да се случи тоа за на крај да завршам онаму каде што отсекогаш сум се гледала себеси. Никогаш не зажалив за пропуштените 3 години, напротив, мислам дека созреав во тој период, па многу посветено и одговорно го поминував секој ден на ФДУ. Тоа е периодот во мојот живот во кој целосно уживав…Со колегите бевме постојано заедно и за време на часовите, а и по нив. Заедно бевме на сцена, во бифе, на журки, заедно учевме…Јас бев во класата на проф.Кирил Ристоски и асистент ни беше Зоја Бузалковска. Беа одличен тандем. Понекогаш ги доживував како добриот и лошиот полицаец, хахахха…одлично се надополнуваа и ни даваа вистински правци. Една од работите што ја научив од нив е дека секогаш треба повеќе да работиме за партнерот на сцената,само така може да стигнеме до одличен резултат.
Елементал: Да се биде жена-актер значи? (Предноси и маани)
Таци: Да се биде жена актер е да се биде актер. Не гледам разлика со маж актер во работата, посветеноста, освен во фактот дека светската драматургија е претежно машка, па можеби сме обесправени во тој поглед. А да се биде мајка актер е тоа е веќе нешто поразлично.
Елементал: Актерството за Вас е: игра, професија или живот?
Таци: За мене актерството е здив без кој не се може.
Елементал: Талент или среќа?
Таци:Талент и мноооооогу среќа.
Елементал: Каде е театарот денес?
Таци: Онаму каде што ние самите го донесовме. Не велам дали е тоа добро или лошо место во кое сме го сместиле,но…едноставно, театарот е одраз на сè она до каде што ние, како човештво и општество сме допреле. И сето ова што ни се случи во изминатава година,со оглед на тоа дека театарот во огромна мера стагнираше, допрва ќе испловува на површината преку секој еден нов театарски проект. Театарот не може, а и не смее да премолчи. Само така може да остане жив.
Елементал: Во која друга театарска форма се гледате?
Таци: За мене секоја нова театарска форма е нова провокација, сè додека зборуваме за театар. Тоа значи актер плус публика.Публиката која дише ист воздух со актерот е пресудна за да се случи театар.
Елементал: Кое е Вашето оружје да се изборите за својот светт и идентитет како актер?
Таци: Љубовта кон професијата и кон колегите.
Елементал: Гласноста на актерот кон општеството за Вас е?
Таци: Крик кој може да критикува, промени, коментира.
Елементал: Вашата прва професионална улога е во претставата Ладало. Се сеќавате ли на ликот на Калина и дали сè уште живее во Вас?
Таци: Секако дека се сеќавам на таа разграгана, наивна девојка.За секој лик што сум го одиграла, сум нашла начин да го сфатам, оправдам, за да можам да го вгнездам во мене и потоа да му дозволам да се игра со мене. Сите тие ликови ставаат уште по една тула на кулата. Всушност тоа е и начинот на созревање на еден актер.
Елементал: Пред пандемијата, заедно со режисерката Нела Витошевиќ, искреиравте и создадовте женска претстава со многу лични и интимни теми за кои ретко се зборува. Браво на храброста и на идејата. Што ја прави претставата “Мојот маж” поразлична од другите?
Таци: Лавината од нашите најинтимни мисли, чувства, ситуации во кои сме се затекле низ животот и сите оние лузни во нашите срца и нашите души…нашата несебичност да го споделиме сето тоа со публиката.Од првата проба, па се до готовиот продукт, се разликува од сите други претстави во кои сум била. До некој момент на пробите имав чувство дека немам што да понудам,дека немам доволно скокотливи моменти низ мојот живот, кои би биле во прилог на претставата,па помислив дека можеби и треба да се откажам. Но,самите проби беа како да сме сите дел од некоја групна психотерапија, па малку по малку испливаа многу работи на површина. Во таа подела имам многу блиски колеги со кои сум постојано и на сцена, а и приватно, но сепак откривавме работи едни за други за кои воопшто не сме биле свесни дека ги носиме во нас,или не сме биле доволно храбри да ги изговориме. Во голема мера,оваа претстава за нас е и ослободување од работи кои ни предизвикуваат/ле страв, срам, болка…Всушност сите оние чувства, ситуации кои ние актерите си ги чуваме во некои фиокички и истите ги отвораме за да пронајдеме соодветна емоција во градење на некој лик, тука гласно се изговараат. Да ги ставевме сите монолози кои беа понудени на маса, ќе имавме материјал за уште најмалку 5 претстави. И сите тие делови од нашите животи мајсторски и многу вешто Нела успеа да ги испреплети со расказите на Бужаровска, за на крај да добиеме една претстава после која ти останува кнедла во грлото.
Елементал: И прашање за крај…што би им кажале на режисерите?
Таци: Ми се игра
Препорачувам:
Три книги:
„Катерина Велика“ – Роберт К.Меси
„Катедралата на морето“ – Илдефонсо Фалконес
„Мапирање на сол и ѕвезди“ – Зејн Џухадар
Три претстави:
„Три Сестри“, реж.Томи Јанежиќ
„Ојдипус Тиранос Софоклеус“, реж. Зоја Бузалковска
„Мојот Маж“, реж. Нела Витошевиќ
Три филма:
„The Royal Tenenbaums“
„Shutter Island“
„La Vita E Bella“
Албум:
„Fields of Gold“, Sting