Човекот не е баш така ретко и квалитетно суштество како што сме си го идеализирале и претставувале – Ивана Павлаковиќ
Мој индетитет-Јас
За детството,младоста, соништата, академските денови
Родена во Скопје, 91-ва.
Се сеќавам дека како дете, многу сакав да пеам и да „изводам“ пред телевизор. Трчав до тоалетот и земав шампон или дезодоранс кој ми беше микрофон, облекував спавачи од баба ми и тука почнуваше журката и моите оскаровски говори. И многу сакав бајки, мајка ми секоја вечер ми читаше, а дедо ми ме учеше дека секој ден мора по 50 страни од која било книга да се исчитаат за да ми „работи правилно мозокот“. Ептен сакав да седам со бабите и нивниве другарки и пиев какао како демек е кафе и пушев соленки цигари со нив. И мислев дека луѓето кои имаат 30 години се опасно стари.
Е како почнав да растам, ќефот за зборување и игра не ми пројдоа, ама ставот за годините и староста кај луѓето ептен ми се смени. •
Во средно често одев во театар, почнав многу да читам и слушам музика, заглавував до ситни саати, сакав стрипови, имав супер банда на другарки со кои ден денес дружам-имавме една интерна шега дека секоја од нас е „принцеза Идадија“ и почна да ме интересира се она кое претходно беше непознато за мене. Цел живот сум многу љубопитна и се надевам дека тоа ќе ме држи до фајронт.
Се сеќавам дека како низ магла ми е уписот на ФДУ од преголемата возбуденост, памтам дека бев мнооогу несериозна и дека се направив во 5 до 12, три дена се спремав сама за испит, за инает отидов со машки лик на приемен и од денешна дистанца сметам дека сум имала луда среќа што влегов од прва.
Денес, повеќе од било кога верувам во бајки и сонувам будно, амбицијата за создавање добар театар ми е огромна и сè уште верувам дека има добри луѓе како Jack Lemmon во „The Appartment“.
Одблиску со Ивана Павлаковиќ
Елементал: И покрај тоа што сè уште ја носите „титулата „млад актер:) сепак зад вас има многубројни улоги и признанија.
Театарската публика ве има гледано во повеќе театарски сцени,односно установи и во разни театарски форми, жанрови и остварувања. Актер кој храбро го гради својот театарски печат, препознатлива и своја.
Ивана здраво и добре ни дојде на еден убав разговор во елементал:)
Пред сè како си?
Ивана: Па балансирам. На страна од тоа што периодов играм во претстава која ептен ја сакам, вежбам, читам и готвам доста периодов-тоа па ептен ме исполнува, паралелно веќе не ми е толку смешно што на професионален план се чувствувам како да сум во некоја чекална кога станува збор за моето вработување во некој од државните театри во кои играм низ годиниве и нивната инертност по ова прашање.
Исто така не можам да бидам мирна и да го игнорирам насилството и агресијата кои ги сведочиме во Украина. Не го замислував вака овој 21-ви век и за жал се докажува дека човекот не е баш така ретко и квалитетно суштество како што сме си го идеализирале и претставувале.
Елементал: Пред скоро време се случи премиерата на документарната претстава „Работи за кои не зборуваме“ од Нела Витошевиќ. Претстава која има различен пристап и обработка, но сепак со порака, суштина и цел. Еден истражувачки театар, кој верувам и не така едноставен за работа и реализација.
Како се случи идејата за оваа претстава и каков бунт предизвика кај вас или пак може нешто промени или разбуди во вас?
Ивана: Целиот процес буквално ни започна од празна страна и многу состаноци на кои се дискутираа битни општествени теми. Имавме активни проби од скоро шест месеци и горда сум што со сјајната екипа на Вондерленд го преземавме тој ризик да го расклимаме конформизмот и без свилени ракавици да ги извадиме на виделина девијантните појави со кои се соочуваат луѓето не само во Македонија, туку и на Балканот. Зошто за овие појави најчесто се молчи и сè се крие. Народот овде пати од муабетот „Ќути си ајде да не пукне брука, што ќе кажат комшиите“. А страшното е што и кај комшиите потајно можеби се случува нешто страшно, само што кај нив тоа е визуелно спакувано на поинаков начин.
Работи за кои не зборуваме за мене е непроценливо искуство и нема поголема награда на светов од тоа кога публиката ја чувствуваш како дише и сочувствува со тебе додека трае претставата и после неа. Во еден наврат кажав дека баш во овој процес се осетив како да симнав пласт кожа од себе. И токму тоа чувство ми се повторува после секоја изведба. Добриот театар впрочем служи за да ги разбуди чувствата во вас, да ви зададе прашања кои треба да ги премотувате во глава и широко да ви ги отвори очите. Сметам дека со оваа претстава срушивме некои бариери во ова закоравено општество и баш сакам оваа претстава да е само еден почеток на одмотувањето на клопчето кај секој човек.
Елементал: Актерството за вас е: Игра, професија, живот?
Ивана: Не би можела да кажам дека е „цел мој живот“ зошто тоа ми звучи малце претенциозно, ама затоа со сигурност е повик и игра која се игра со многу страст и љубопитност. Впрочем сè што ми значи во животов го правам со страст. И полека таа игра станува дел од тебе од кој тешко се откачуваш (скоро никогаш), зашто секој лик оставил свое влијание врз тебе. Ликовите кои ги играм се еден неоткинлив дел од мене и убаво ми е што заедно со нив растам и будно сонувам.
Елементал: Кое е вашето оружје да се изборите за својот свет и индетитет како актер?
Ивана: Мојот став и вредностите во кои искрено верувам и стојам зад нив. Би ја додала и мојата љубопитност, на која сум и многу благодарна што не ме напуштила дури и во моментите кога не ми биле сите овци на број и едвај ми се станувало од кревет.
Елементал: 2019-та година ви се случи претставата, односно дуодрамата „Венера во Крзно“ од Ивана Ангеловска. Тука ја покажавте вашата зрелост на сцена, вашиот внатрешен свет, вашите борби, вашето друго „јас „Бевте навистина маестрална, заедно со вашиот колега Баже. Каде е вашата „Венера „денес и што за вас претставува овој проект?
Ивана: Од дистанца гледано, Венера ми е можеби најинтимниот процес кој ми се случил до сега, бидејќи токму во тој период се осетив како да пораснав, расчистив со некои (за мене важни) теми и како да отклучив некои нови фиоки во себе. Самиот процес со Ивана Ангеловска и Благој Веселинов беше навистина драгоцен и огромен предизвик е да спремаш дуо драма. Креиравме еден посебен свет, кој доста себично си го негувам во себе.
Криво ми е што Венера последен пат ја игравме пред почетокот на пандемијата, па потоа пропадна Кино Култура и за жал, сè уште немаме простор во кој би можеле да ја играме. Ама сценографијата и костимите битно ги спасивме.
Затоа би рекла дека Венера денес ја гледам како еден неоткинлив дел од себе, кој од време на време знае длабоко да ме пецне и да ме потсети дека сериозно е привилегија да бидам спроводник на еден таков лик.
Елементал: Да се биде жена, девојка-актер значи? (предности и мани)
Ивана: Баш во Работи за кои не зборуваме-во еден од монолозите кои ги напишав зборувам гласно на оваа тема, па би сакала публиката во живо да го чуе мојот став околу ова прашање и да не се повторувам. Би додала дека кога студирав на ФДУ, многу се нервирав и се чувствував лошо за соодносот на машки наспроти женски ликови во светската драматургија. Но ме радува дека гледам напредок и на ова поле, зошто кога ќе погледнам од дистанца режисерките со кои соработувам одбираат теми кои го обработувале и бранеле женското прашање и еднаквоста. „Антигона и Креонт“, „Венера во крзно“, „Работи за кои не зборуваме“ се совршени примери за еднаква застапеност на сцена.
Елементал: Талент или среќа?
Ивана: Среќата е добредојдена, а талентот без занает и дисциплина е гола вода.
Елементал: Дали сме доволно гласни?
Ивана: Многу често сме гласни за погрешни работи, додека за суштинските проблеми или покажуваме базично незнаење или скриен конформизам, а токму тоа е опасен проблем на кој мора да се поработи.
Промените кои сакаме да ги сведочиме мора да тргнат од нас, без релативизирање. Или како што рекол големиот Волтер „We must cultivate our own garden“.
Елементал: Играте претстава во Театар за деца и млади. Како е да се игра пред детската публика, дали одговорноста е можеби по голема?
Ивана: За мене одговорноста е подеднакво иста кога излегувам на сцена, без разлика дали играм за деца или за возрасна публика. Оваа претстава која ја играм во „Театарот за деца и младинци“ е младинска претстава и баш ме радува фактот што имам одлична соработка со целиот ансамбл-кој и мене како дете ме израсна со нивните претстави.
Низ годиниве доста сигурно опипав терен како е да се работат проекти за деца преку „Пет плус Фамилија“, снимивме 6 сезони до сега и навистина сум среќна што на еден многу убав и правилен начин децата растат заедно со нас, а богами и ние со нив.
Елементал: За алтернативните сцени?
Ивана: Алтернативните сцени се од огромно и суштинско значење за секој кој се занимава со оваа професија, зошто те оформуваат и градат на еден посебен начин, бидејќи таму немаш ништо кое ти е дадено на тацна. И затоа се добри, зошто сам создаваш. Немаш институција која ќе го бутка проектот, за жал понекогаш немаш ни услови, сам коваш шајки, сам местиш сценографија, вадиш облека од домашен фундус, за финансии да не зборам, ама имаш една поинаква комфор зона која сам си ја создаваш ако имаш одлична екипа со која градите еден ваш, посебен свет.
Најголемиот проблем со кој оваа сцена во нашава земја се соочува-освен малите буџети е просторот. Сведоци сме како државата очигледно нема интерес од оваа независна сцена, па затоа младите се принудени своите претстави да ги играат буквално кај стигнат, за многу скромен хонорар од кој може да си дозволат јогурт, ѓеврек и автобуска карта. Ептен гламурозно, не?
Ама затоа непроценливо е искуството кое се стекнува и гордоста дека си направил нешто свое-кое комотно по квалитет може да им парира на добро буџетираните претстави. Горда сум на Вондерленд театар со кој заеднички со многу љубов и ќејф ги создаваме нашите дела.
Елементал: И за крај – што би им рекле на режисерите?
Ивана: Да не е плашат да влезат во дупката во која влезе Алиса.
Три книги
„Песјо срце“-Булгаков
„Пер Гинт“-Хенрих Ибзен
„Ајнштајновите сништа“-Ален Лајтман
„Хазарски речник“ – Милорад Павиќ
„ГОТЛЕНД“ од Мариуш Шчигел
Три претстави
„A Midsummer Night’s Dream“ – Stefan Pucher (Thalia Theatre-Hamburg)
„Без наслов“-Томи Јанежиќ
„Брод за кукли“-Нела Витошевиќ
„Проба. Историја на театарот“, режија Мило Рау (Théâtre National Wallonie – Bruxelles)
Еден албум
Miles Davis-“Kind of blue“