Театарските фестивали се потребни за создавање на една природна конкуренција и инспирација – Маја Андоновска Илијевски

Од денес 14ти до 21-ви Мај во Битола започнува Интернационалниот Фестивал на Монодрама.

По тој повод разговараме со Маја Андоновска Илијевски-Актер и директор во Центарот за култура во Битола.

Маја здраво:) Добредојде повторно во Елементал.

Посветеноста, љубовта и страста кон театарот ви се ваши силни водилки да се изборите за вашиот свет. И смело и храбро успевате да ја задржите традицијата на фестивалот на Монодрамата, а воедно и ги негувате културните настани во вашиот град-Битола.

Елементал: Колку е тешко во овие околности во кои живееме денес, во овие нови правила и кодекси на живеење да ја одржувате будна културата, сцената-театарот? Кој воедно на сите нас ни е многу потребен и значаен.

Маја: Театарот секогаш бил гласноговорник на времето во кое функционира, театарот треба да е огледало на општеството, политиките, менталниот склоп … и кога ќе се огледаме да не замисли, засрами, пофали …

Предизвик е да се работи во ова специфично време кое не е поврзано само со пандемијата, туку се соочува и со глобална политичка, воена и енергетска криза, пред која е исправен цел свет. На моменти се чини дека театарот, уметноста воопшто се толку неважни, а сепак, сметам дека без нив комплетно би се изгубиле. Духовната храна која колку клише и да звучи никогаш не била понеопходна отколку сега. Затоа со целата своја човечка и уметничка сила се борам, да говориме гласно, да работиме многу, и да не се откажуваме од создавањето на уметност, бидејќи уметноста преживеала војни, падемии, векови, и затоа сметам дека и оваа реалност која ја сведочиме еден ден ќе биде инспирација за големи уметнички дела.

Елементал: Фестивалот на Монодрама вечерва го отвора Македонскиот Народен театар со претставата „Само Глас“ во кој игра Ѕвездана Ангеловска, а во режија на Марјан Нечак.

Кој други монодрами ќе има прилика да ги погледне театарската публика оваа година?

Маја: Тринаесет монодрами од единаесет земји на светот ќе се запишат на Интернационалниот Фестивал на Монодрама 2022 година. Ќе ни гостуваат колеги актери од Македонија, Хрватска, Шпанија, Ерменија, Велика Британија, Израел, Молдавија, Бугарија, Романија, Азербејџан а фестивалот во чест на наградените ќе го затвори Драмскиот театар од Скопје со претставата Странци.

Во селекција на селекторот Петар Мирчевски ќе ги видиме следниве монодрами:

Кабарето Вла Вла Влавајланд со актерката Еција Ојданиќ, до Крик на Енџи Николоска, Сив свет на Зое Лопез Сампер, Контрабас на Кристоф Рогачевич, Сестрата на Нора Бадалијан, А јажето е сè уште и е врзано околу стапалата на Каролин Брнс Кук, Помеѓу на Ибраим Миари, Соба со поглед на иована Легати, Ади на Анатол Гузик, За љубовта и сè останато на Иван Тодоров, ЕдитПјаф на Дениза Абабеии и Дневникот на лудиот на Шовги Хусеинов ќе ја обележат фестивалска Битола.

Затоа со целата своја човечка и уметничка сила се борам, да говориме гласно, да работиме многу, и да не се откажуваме од  создавањето на уметност….

Стручното жири во состав: Владимир Милчин, Бедиа Беговска и Сашо Димоски, ќе имаат навистина тешка задача да ги одберат трите најдобри и тоа: Актерска игра, режија и Гран При на фестивалот, а битолската публика ќе одлучува за наградата од публика.

Елементал: Што за вас претставува овој фестивал и колку се потребни театарските фестивали во нашата земја?

Маја: Театарските фестивали се потребни за создавање на една природна конкуренција и инспирација во творењето, за следењето на новите ветришта кои дуваат во театрите ширум светот создавањето и функционирањето на театрите и уметноста, но исто така сметам дека исклучително е потребна театарска критика која се помалку ја имаме, а без која сметам дека ниедна премиера и фестивал не би требало да помине. Тенденцијата на промени, како и се во светот не го прескокнува и театарот, така што често имам чувство дека сме во тоа помеѓу кое оваа година е и мотото на фестивалот.

Помеѓу јавето и сонот.

Помеѓу спокојот и неспокојот.

Помеѓу животот и театарот.

Помеѓу минатото и иднината.

Помеѓу љубовта и омразата.

Пожеѓу светлината и мракот.

Помеѓу старото и новото,

Помеѓу нормалното и „ненормалното“ …

Она помеѓу каде што сме заглавени,

Ни угоре ни удолу,

А сепак таму, помеѓу, повторно силно свети театарската душа како рефлектор на актерската емоција, таму помеѓу повторно се раѓа магијата на театарот …