“Live at Audiokultura” со Добрила и Дориан Дуо

Програмата од музички настани кои се реализираат во Аудиокултура е навистина богата, различна и непогрешливо квалитетна. Одржливото, па и растечко ниво на музички, звуковен и организациски квалитет кои се пласираат оттука се респектабилен фактор за кој публиката цврсто се држи. Се чини дека секој кој еднаш посетил настан, оттука излегува со нескротлива желба да присуствува на сите следни.

Доказ за тоа е настанот кој овој петок се реализираше во Аудиокултура. Интензивниот дожд очигледно не успеа никого да спречи во намерата да дојде тука и да си дари себе си нова доза од извонредна музика. Овој пат во изведба на Добрила и Доријан Дуо.

Неверојатно позитивна енергија, отвореност, воодушевување, ведрина и добар збор се излеаја од Добрила на самиот старт на настанот. Ја разоружа публиката од сите бариери, прецизно и смело нагласувајќи дека во просторот кој сите го чувствуваме како дом, музиката е обединувач на, како што самата ги нарече, сладокусци кои точно знаат што значи музиката да се слуша репродуцирана преку hi-end системите од teoharov audio. Достојно и со почит, кон музиката, звукот и публиката, Добрила и Доријан приредија извонредно музичко патување на кое доминираше интерпретаторска и емотивна раскош. Композициите од нивните два албуми, претставени на овој автентичен начин, не насочија кон сосема поинакво доживување на музиката која на сите ни е добро позната.

„Помеѓу два тона“ беше музичко патување кое обедини различни временски периоди на привлечен начин. Музиката од минатото, во емотивна и игрива изведба на Добрила и Доријан, сосема и приличи и на сегашноста. Сладокусците кои имаа можност тоа да го доживеат, уште долго ќе ја паметат оваа вечер како совршена.

Елементал: Добрила, беше вистинско задоволство да се следи Вашиот настап во Аудиокултура. Воодушевувачка е Вашата потенцирана отвореност за неограничена размена на енергија со публиката. И тоа од самиот почеток на настапот. Што е тоа што го трга штитот или поблаго речено неопходното запознавачко интро кое вообичаено е пресудно за насоката во која ќе тече настапот?

Добрила: Почетокот, темата, зачетокот, иницијацијата… тоа е секогаш најважно, зар не? Тоа е местото од каде што почнува приказната и трасата по која ќе се движат работите. И доколку на тој момент не му се даде најдобрата насока, крајот секако нема да биде таков каков што сме го  посакувале. Јас, искрено, многу се радувам што сте го забележале начинот со кој јас го започнав концертот во Аудиокултура. Зачуденоста е уште поголема поради тоа што досега никогаш не сум изоставила да го започнам концертот или да зборувам помеѓу песните, но ете вие сте први што јавно го откривте тоа 😊. И сега, кога ме проѕревте, еве да си кажам: таквите почетоци се обид да се создаде непосреден однос помеѓу артистот и публиката. Да се отвори канал преку кој емоцијата ќе тече, ќе се разлева низ околината во кој на некој чудесен начин сите ќе бидат учесници во тоа. А најлесниот начин да се создаде тоа е со хумор, забелешка, смешка. Музиката за мене е чин на размена на емоции и тоа преку раскажување приказни, преку покажување што чувствувам јас кога раскажувам и мојата желба да им ја пренесам таа емоција на луѓето околу мене. А приказни не се раскажуваат секому, туку само на оние на кои им верувате, на оној кој ви е близок, со кој си се сакате. Приказната има сопствени правила и децибели со кои се соопштува – никогаш гласно, ами со шепот и во доверба. Е, за да се создаде таква блискост, артистот мора да се погрижи да направи публиката да му верува и да се почувствува како драг пријател. На тој начин се рушат сите бариери и започнува размената на чистата емоција. А кога тоа ќе се случи, тогаш бидете сигурни дека ќе имате одличен концерт.  

Елементал: Какви Вашите впечатоци? Љубопитна сум за деталното доживување од другата страна на приказната и деталите кои за Вас како музичар се важни

Добрила: Јас обожавам камерни концерти. Обожавам! Сакам кога публиката е блиску, кога можам да ги слушнам како дишат или не дишат 😊, кога стануваат дел од песната. Тогаш блискоста за која зборував, станува уште поголема и полесно се стигнува до секој во салата. Таков беше концертот во петокот за кој мора да откријам една тајна: на нашата тонска проба кога го местевме звукот со Дориан и Веселин (Аудиокултура), на мојата прва проба на микрофонот, а подоцна и заедно со утот на Дориан, јас останав занемена! Едноставно, ме заплиска таков звук поради кој не знаев каде сум. Како првпат да се слушам себеси, да се откривам на некое друго место. Поради таквото мое „непрепознавање“ мислев дека некаде во пеењето грешам  и постојано му повторував на Дориан да пробаме уште еднаш и уште еднаш. Но кога публиката почна да влегува и да ги покажува очекувањата од тоа што ќе го чујат, знаев дека пред нас е ноќ во која имаме можност да ја озвучиме тишината… И одеднаш сѐ ми стана јасно. Ги поздравив, се насмеавме и започна волшепство во кое сите заедно се стопивме.