Токиската опера ѕвезда, Казухиро Котецу доби на подарок оригинална македонска носија

БИТОЛА, Македонија — Пред една деценија, битолската културна сцена беше сведок на едно ново пријателство и поврзаност кога Казухиро Котецу, оперски пејач од ансамблот на Операта во Токио, за првпат настапи во Македонија со 10-тина оперски пејачи. Од таа првична средба со Македонија, Котецу стана влијателен амбасадор на македонската музика, култура и вина, преку Твитер платформата и неговиот личен профил. Поранешниот директор на Центарот за култура во Битола, Борче Димитровски, со задоволство се присети на таа иницијална посета на јапонскиот оперски првенец, по неговото повторно доаѓање деновиве на маестралниот концерт кој го одржа во рамките на фестивалот на класична музика Интерефест, каде настапи со Камерниот оркестар на Битола и ја воодушеви публиката.

„Живо се сеќавам на тоа време, и на твој негов концерт од пред 10 години во Битола, бидејќи бев директор на Центарот за култура кога Г-дин Котецу првпат застана на нашата сцена. Но, тој ја немаше таа слава меѓу нас, како што тоа го има последните години, откако активно на Твитер почна да објавува содржини во кои ја изразуваше неговата љубов кон нашата земја. Со текот на годините, неговата посветеност не беше ништо помалку од инспиративна, приближувајќи ја Македонија до срцата на многумина во далечните земји. Кога ИНТЕРФЕСТ објави дека ќе му посакаат добредојде на годинешното издание, бев навистина среќен“ – истакна Борче Димитровски познат адвокат и во моментот секретар во Општина Битола.

Но, на неколку денови пред неговото доаѓање во Битола, Котецу објави на Твитер(Х) дека бара информација каде може да купи македонска носија за себеси.

„Заради мојата поврзаност со КУД Илинден, решив да разговарам со личностите кои сега го водат ова фолклорно друштво и едногласно решивме да му подариме традиционална македонска носија која е од овој регион. Ден по феноменалниот концерт на Г-дин Котецу на Интерфест, на кој тој беше дочекан како вистинска ѕвезда, за разлика од пред 10 години кога ја немаше таа слава, му приредивме убаво изненадување како битолчани. Му подаривме носија кој тој посака веднаш да ја испроба и да го прошетаме заедно Широк Сокак. Дружењето со него и подарокот кој многу му значеше е момент на неизмерна радост и за мене и за КУД Илинден“ – раскажува Димитровски.

КУД Илинден, фолклорно друштво меѓународно познато по зачувување на македонските традиции, со ова приреди еден срдечен гест подарувајќи му оригинална носија од Битолското Поле.

Подарокот му беше врачен на г-дин Котецу на непосредна средба во Битола, на која тој изјави „Ова не е само костим. Ова е подарок од срце, кој вечно ќе го паметам. Оваа носија ќе ме потсетува што значи симбол на благодарност“