Со концерт на Пијан Славеј и Винските мушички концептот “Live at Audiokultura” ја заокружи својата првата успешна година

Љубителите на добра музика и квалитетен звук завчеравечер имаа можност да уживаат во импресивен настап во живо на Пијан Славеј и Винските мушички во Аудиокултура.

Последен за оваа година и очекувано уникатен, племенит, празничен, весел. 

Совршен…како и што прилега да биде завршено поглавје од убава приказна. Мнозината кои барем еднаш биле во Аудиокултура ќе ја запаметат оваа година токму како совршена. Барем што се однесува на моментите во кои си приуштиле време за музичка наслада. 

Музичката приказна низ која завчеравечер не водеше бендот во состав Пијан Славеј – бас, мини пијано, класична гитара, Пеце Трајковски – Брада – електроника, клавијатури и Гоце Јованоски – електричен бас ќе ја паметиме како ултимативно уметничко искуство вредно одново да се доживее.

На радост на толпата сладокусци кои не успеаја во музичкиот календар за 2023 овој настан да го впишат како исполнета цел, 2024 ќе можат да ја започнат со токму оваа музичка топлина.

Новата сезона на “Live at Audiokultura” ќе започне токму со, веќе трет по ред, настап во живо на Пијан Славеј и Виските мушички во Аудиокултура. Едноставно е. Неодолива е потенцираната силна желба од страна на љубителите на интимните концерти да се ужива во одличната музика која ја презентира овој состав и неограничената пријатна енергија која протекува на нивните камерни концерти.

“Live at Audiokultura”, не само како проект, туку како бренд кој промовира вистински вредности, и во 2024 година ќе продолжи под Генерално покровителство на Комерцијала банка.

Овој пат проширен со два нови подконцепти: “Students play music at Audiokultura” и “Music workshop at Аudikultura”.

Со достојна почит кон сите истакнати музичари, кон младите музичари и оние кои допрва ќе влезат во музичкиот свет, Аудиокултура и Комерцијална банка, ќе ја продолжат заедничката заложба за промоција на квалитетна музичка култура и уште позначајно, преку личен пример за посветена работа, истрајност и сплотеност, ќе овозможат поддршка за младите кон нивно издигнување до идни успешни уметници чии дела ќе бидат забележани како трајни културни вредности.