„Students play music at Audiokultura” – нов музички концепт во Аудиокултура

Иако се чини дека скоро беше првиот музички настан од концептот, „Live at Audiokultura“, тој веќе ја испишува својата трета сезона на општествен бренд кој во континуитет промовира квалитетна музичка програма и презентира како треба да се живее култура. И, иако сеќавањата за секој еден настан се свежа колективна меморија која се прераскажува и го проширува кругот од љубители на музиката, Аудиокултура постојано го надградува препознатливиот имиџ на континуирано подобрување и позитивни промени насочени кон посетителите, но и кон музичарите.

Во таа насока, Аудиокултура веќе најави нов музички концепт – „Students play music at Audiokultura“, кој со реализација ќе започне на 24.02.2024 година.

Од Аудиокултура велат дека „Students play music at Audiokultura“ е внесување на нова суштинска нота која ќе го надгради концептот „Live at Audiokultura“.

“Имено, се работи за концепт со кој се предвидени вкупно 5 музички настапи во живо на кои свои музички перформанси ќе презентираат бендови креирани од студенти на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, за која цел потпишан е Меморандум за соработка помеѓу Аудиокултура и Музичката академија.

Со оваа соработка, на младите музичари им се овозможува своите почетни настапи да ги реализираат свирејќи на врвна аудио-опрема и пред сериозна публика, за што цениме дека е одлична можност за афирмација и стекнување на искуство кое ќе ја збогати основата за нивно успешно градење како музичари.

Веруваме дека “Students play music at Audiokultura” ќе го извлече сиот младешки ентузијазам и ќе ни овозможи уживање во раскош од префинети ноти. “