Датум за паметење
Датум за паметење
03.03.1987
1987 – во фабриката на “Jugoton” во Загреб е отпечатен првиот тираж на новиот албум на Leb I Sol. Kao Kakao е веројатно најкомерцијалниот албум на бендот ако се цени според бројот на продадени примероци, но и според бројот на хитови што ќе ги продуцира, а кои во годините што ќе следуваат, ќе бидат неизоставен дел од сет-листите на бендот. Во промотивни цели, истиот ден, „Jugoton“ ќе отпечати и едно не толку големо количество синглови со генерички кавер, кои ќе ги дели на сите радиостаници во Југославија. За радиохитови ќе бидат одбрани Femme Fatale и Kao Kakao. Со овој албум, бендот ќе започне да креира една многу поинаква звучна слика, ниту за нијанса помалку успешна од претходната, со која ќе го прошири својот круг на слушатели и меѓу популација што ја преферира поп-музиката. Новиот курс на бендот значел и враќање на клавијатурите како инструмент, што ќе ѝ даде една специфична боја на новата структура на песни. Зад клавијатурите за првпат ќе застане Кирил Џајковски. Интересно е дека за прв и последен пат во својата кариера, Leb I Sol ќе запише и еден саксофонист како полноправен член на бендот, Гоце Мицанов. Дизајнот на омотот е повторно, како и во случајот со претходниот албум, дело на Иван Станчиќ-Пико („Film“), кој на насловната страница ќе употреби уметничка слика од Пол Гоген.
03.03.1994
1994 – својот прв концерт го има новото скопско трио, кое го чинат Пеце, Кечо и Боули. На малкуте фотокопирани плакати, направени за свирката во тогаш актуелното сврталиште на алтернативната и андерграунд-сцена, клубот „Doors“, ќе пишува Superhiks. Вечер со нов ќе засвират уште помалку познатите хеви-металци, Егзекутори. На овој свој прв концерт Superhiks ги свири единствените три песни: Neighbour, Hooker и преработената Чаирска романтика на Владо Јаневски, која во нивна изведба е преименувана како Џандарска романтика. Утредента по концертот, Кечо и Пеце преземаат клучен чекор во својата штотуку започната музичка кариера, врбување на гитаристот на Егзекутори, Борис Манов-Борче, за нов член на Суперхикс. Она што следува подоцна е испишување на една од најквалитетните страници од историја на македонската музика.
извор: Македонски рок времеплов – Тошо Филиповски