На шареноликата музичка трпеза и приоѓаме внимателно, помалку субјективно, вешто избегнувајќи ги лесно допадливите десерти и со сигурен потег забодувајќи ја виљушката во главното јадење.

ЛЕБ И СОЛ е изборот за задолжителна музичка лектира чие читање создава неизбришливи бразди, мозочни и емотивни.

Во првата половина на 70-тите години, поточно на 1-ви Јануари 1976 година, Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Никола Коки Димушевски и Димитрија Чучуровски ја формираа ЛЕБ И СОЛ. Кратко и јасно, како синоним на одлучност и истрајност.

Првите песни снимени за два саати во студиото на радио Скопје: „Етида бр. 3“, „Деветка“ и „Песна за нас“ содржат елементи на рок, џез и македонска етномузика. Созревајќи како бенд, влијанието на џезот се повеќе бледее.

Деби албумот кој го носи името на групата, „Леб и сол“ е снимен во студиото на РТВ Нови Сад во 1977 година. Вкупно девет песни, од кои дури 6 инструментални ја потврдуваат првичната замисла за група како концертен состав кому настапите во живо му служат за импресивни импровизации и презентирање на инструменталните виртуозности кои никако не ја преминуваат границата на добриот вкус. Како хит на плочата се издвојува Влатковата „Нисам твој“.

Настапите на повеќе фестивали низ регионот, но и појавувањето како предгрупа на концертите на Бјело Дугме во Сараево, Нови сад и Скопје, како и бројните награди кои ги добиваат се патот кој многу брзо ги позиционира во врвот на југословенските состави.

Пратејќи го стилот на првиот албум, покрај високо оценетата „Абер дојде Донке“ за која добиваат награда „Најдобар уметнички впечаток и најуспешна примена на фолклорниот израз“, веќе во 1978 година го снимаат својот втор албум со наслов „Леб и сол 2“ на кој ги понудија инструменталните „Марија“, „Акупунктура“ и „Узводно од туге“ но и вокалната „Таласна дужина“ за која текстот го напиша Горан Стефановски, братот на Влатко кој ќе продолжи да соработува со нив и во иднина. Истата година ја компонираат и музиката за театарската претстава „Ослободување на Скопје“.

Под влијание на лежерен џез стил, 1979 година го снимаат и својот трет албум „Ручни рад“ од кој како највпечатливи се издвојуваат „Кумова слама“, „Ручни рад“ и „Верни пас“. После издавањето на албумот, групата ја напушта Коки Димушевски па продолжувајќи како трио компонираат музика за претставите „Диво месо“, „Лепа Вида“ и „Среќна нова 1949“, после што одат на летна турнеја, свират десет концерти во Скопје и го спремаат новиот материјал.

Албумот „Бесконечно“ е издаден 1981 година, задржувајчи го препознатливиот стил. Како позначајни песни се издвојуваат преработката на старата македонска песна “Зајди, зајди јасно сонце”, “Касно попладне” и “Скалулец”. После снимањето на овој албум, групата ја напушта тапанарот Гаро Тавитјан а на негово место доаѓа Драгољуб Ѓурчич од Ју група.

По краток ангажман на мјузиклот “Џон Пиплфокс” и на театарската претстава “Лет во место”, во 1982 година, во студиото на Радио Скопје го снимаат својот следен албум „Следовање“ составен претежно од вокални песни меѓу кои и преработката на народната песна Миле Поп Јорданов. По двомесечна турнеја по Америка, истата година го објавуваат двојниот албум во живо со наслов „Акустична траума“ со која се опростуваат од ПРП РТС во корист на Југотон.

Следниот албум „Калабалак“ е издаден 1983 година на кој гостуваат Боби Мицев (клавијатури) и Петар Каргов (саксофон), а веќе следната 1984 година излегува албумот „Тангента“ за кој како продунцент се јавува Kevin Eyers кој го дава и името на албумот како асоцијација за музиката која тангенцијално им се допира со различни стилови. Радиско пробивање запишуваат песните „Контакт је скуп“ и „Тако близу“.

„Звучни зид“ е деветтиот албум издаден 1986 година со кој ја одбележуваат десетгодишната плодна работа. Албумот содржи материјал од театарските претстави „Ослободување на Скопје“, „Тумба, тумба дивина“ и „Коштана“, теми од емисијата „Бушава азбука“, како и од филмовите „Шмекер“, „За среќа се потребни тројца“ и „Среќна нова 1949“. Автори на песните се Арсовски и Стефановски но свое учество има и Гаро Тавитјан кој во меѓувреме се враќа како член во групата. Гостин на албумот е Ана Костовска.

Наскоро, како членови на групата се приклучуваат Гоце Мицанов (саксофон) и Кирил Џајковски (клавијатури) со кои во 1987 година го снимаат албумот „Као како“ кој претставува значаен музички пресврт составен од 10 вокални песни за кои текстовите ги напишаа Влатко и Горан Стефановски. Само за песната Фаме фатале текстот е земен од Арсен Дедиќ. “Као како“забележа повеќе хитови и тоа: Скопје, Као како, Мамурни људи, Чувам ноч од будних и Феме фатале.

Албумот „Путујемо“ е снимен 1989 година во истиот состав. Овојпат девет вокални песни, од кои осум се напишани од Влатко а една од Горан Стефановски во кои како основна тема се нудат физичките и менталните патувања. „Чукни во дрво“ е ударниот хит од овој албум.

Година подоцна, Влатко и Бодан ја формираат издавачката куќа Third Ear Music за која го објавуваат ЦД „Зодијак“ со музика компонирана за истоимента балетска претстава.

„Live in New York“ е тринаесетиот албум издаден 1991 година како запис од концерт во Америка, но и записи од проба во студио на песната “Благослов”, темата “Going back to Skopje” снимена во подвижно студио во Торонто, како и обработка на народната “Учи ме мајко карај ме” снимена во Скопје.

Пролетта 1992 година свират четири комплетно распродадено концерти во Сава центар, а свој концерт имаат и во амстердамскиот клуб Парадизо. Декември 1995 година свират во Загреб, Пула и Риека.

Дуплото компилациско ЦД „Антологија“ е педантен преглед на долгогодишната кариера објавено 1995 година. 13-ти Декември 1995 година е датумот забележан како последен ден од постоењето на Леб и Сол, одбележан со концерт во солунскиот клуб Милош.

Чекорејќи цврсто, Леб и Сол се запишува на македонската, но и пошироката светска сцена како група темелник која наспроти очекуваната рок бунтовност елегантно ни ја сервира другата, суптилна, кротка и софистицирана страна на рок музиката со која растат неброен ред на генерации.

Автор: Бон&Бона