Премиера на претставата „Луди за љубов“

-За ограничувањата кои подигаат ѕидови-

Teaтарот се враќа посилен од кога било. Затворањето на вратите, покрај тоа што беше срцепарателна болка за секој учесник во создавањето на вонвременска уметност, ги зацврсти темелите за нови , прочистени погледи кон драмата како жанр.

На 27 јуни, со почеток во 20 часот, како дел од Интернационалниот фестивал на монодрама, на вечерта за свеченото затворање и доделување на наградите, публиката ќе има можност да ја проследи премиерата на авангардното парче „Луди за љубов“. Претставата е работена според  драмскиот текст на Сем Шепард, изворно насловена „Fool for Love“. Главните улоги се доделени на големите актерски имиња познати за Народниот Битолски Театар: Борис Чоревски, Илина Чоревска, Хари Михајловски, но и освежувањето кое доаѓа од Валентино Апостоловски.

Ѕидовите на Ристовски и Михајловски зборуваат и слушаат, ономатопеично ги имитираат звуците на луѓето. Ги слушаат криците кои грлото сѐ уште не ги произвело, ги следат телесните сензации, ги фалсификуваат низ својата ладнокрвност нивните мраморни, нивните мермерно мирни структури. Ладни, експресни. Како кофеински опијат. Колку се лажеме дека љубовта е начелото кое ќе нѐ спаси чекајќи го судниот ден, додека тежнееме да ја поништиме како  последната здрава клетка ? Или тоа е веќе научена фраза која милуваме да ја изговараме кога не знаеме да кажеме „Те сакам“?

Ѕидовите се нашите самици, цитадели подигнати да нѐ штитат од влијанијата на луѓето со кои градиме релации кои честопати ни ја уништуваат и самодовербата и желбата, и копнежот и вербата, и волјата и радоста, кои како Радиниот мост, градејќи се секоја ноќ се уриваат. Така се уриваат и односите меѓу главните ликови. Во циклонски вртежи на улоги на глушец и мачка.

Изолацијата е уште еден сегмент кој ќе ја отслика реалната ситуација на душата, на нејзината аскетска продуховеност, која го бира побрзиот пат до решението и низ  чии судбински јазли честопати се заплеткува.

Идејата , Хари Михајловски, авторот на овој персонално-пневматичен проект, кој несомнено ќе ја освои публиката, ја бара во минимализмот на постоењето, во обезбоеноста на нашите мисли и карактери, со масивна алегорија на штетниците зад изградените затвори- општеството и идолизирањето на идеали, независно од здробеното и истуткано значење кое го имаат лично, за нас.

„Си заминаа сите кои знаеја да кажат да. Да нѐ насмеат. Со себе ја однесоа љубовта и радоста. Ми недостигаат. Се претворивме во град на духови. Почнавме да градиме ѕидови, ѕидови во дворовите, ѕидови во собите, ѕидови во срцата, ѕидови во умовите.“

Пишува: Јована Матевска Атанасова