Избрани наградените на 22-то издание на Интернационалниот фестивал за монодрама
По петдневен преглед на монодрамите од македонска продукција, во конкуренција од 11 моќни пораки за човештвото и општеството, за победата и поразот над нашите сетилни куриозитети, жири комисијата ги прогласи добитниците на 22-то издание на Интернационалниот фестивал на монодрама.
На свеченото затворање, во чест на наградените беше премиерно изведена претставата „Луди за љубов“, работена според текст на Сем Шепард, авторски проект на Хари Михајловски и под режисерска палка на Јован Ристовски. Во улогите на ексцентричните Меј и Еди влегоа Илина Чоревска и Хари Михајловски, додека Борис Чоревски го глумеше апстрактот на Старецот, а Мартин-аутистичниот холограм на иднината и рутината, беше танчарот Валентино Апостоловски.
Жирито во состав Весна Петрушевска, претседател, Тодор Кузманов и Љупчо Ѓеорѓиевски, членови, ја донесоа следната одлука:
„Последната лента на Крап“ во изведба и режија на актерот Ѓорѓи Јолевски, работена според драматуршкиот текст на Семјуел Бекет, во копродукција на Македонскиот Народен Театар и Перипетија продукција од Скопје, ја доби престижната GrandPrix награда на 22-то издание на Фестивалот. Покрај со статуетка оваа награда има и паричен карактер, во вредност од 30 000 денари.
„Сите сегменти во оваа претстава функционираат беспрекорно и усогласено оставајќи впечаток на гранитен театарски чин кој плени и восхитува. Јолевски како актер манифестира врвно мајсторство во креацијата на овој сложен сценски лик. Тој е подеднакво ефектен и кога молчи, но и кога зборува. Во една типична Бекетовска атмосфера тој го преиспитува своето минато со преслушување на магнетофонски ленти, во кои сепак не наоѓа потпора на својот живот. Неговото молчење и неизбежните паузи се потресувачки и вознемирувачки. Истото се однесува и на режискиот пристап кој меѓу другото остварува извонредна синхронизираност на сите театарски елементи, а посебно на аудио сегментот. На овој начин „Последната лента на Крап“ израснува во значајно достигање на македонскиот театар воопшто, а посебно со своите квалитети се издвојува во рамките на овој 22-ри Фестивал на Монодрама во Битола.“, претседателката на комисијата ја образложи одлуката на жирито пред публиката.
Наградата за најдобра режија ја доби монодрамата „Последната лента на Крап“, режирана од Ѓорѓи Јолевски.
„Во инсценацијата на оваа монодрама, Јолевски манифестира високо разбирање за естетиката на Бекетовиот апсурд, кој подразбира, меѓу другото, прецизност, минимализам и мизансцен, кој не го одвлекува вниманието на гледачите од главните поенти на актерската игра. Тоа е во исто време режија што пулсира во ритамот на безнадежниот живот на Крап. Значи, станува збор за високо профилиран естетски чин кој продира во суштината на Бекетовото творештво. Режијата на Јолевски имагинарниот драмски универзум го претвора во реална театарска ситуација.“
Награда за најдобро актерско остварување ја доби Билјана Драгичевиќ-Пројковска за интерпретацијата на Кармен, жена од средната класа, која на денот на смртта на својот сопруг ја отвора душата, дотогаш очигледно чувана како закопан ковчег. Претставата е работена според романот „Пет минути со Марио“, а е во продукција на Драмски Театар Скопје.
„Билјана Драгичевиќ – Пројковска во оваа своја ролја, манифестира актерска зрелост и актерско искуство од завиден маштаб. Таа суверено владее и со улогата и со сцената, трансформирајќи се и прикажувајќи различни состојби во кои се наоѓа ликот. Инаку, станува збор за лик на малограѓанка која токму на денот на смртта на својот сопруг ќе го преврти како на лента сиот свој живот кој како што може да се констатира нималку не ја галел. Освен тоа, Билјана Драгичевиќ – Пројковска не уверува во својот широк актерски дијапазон не запаѓајќи во мелодрама и патетика, а остварувајќи блиска комуникација со гледалиштето.“, гласеше во образложението на жири комисијата.
Наградата од публиката што ја доделува организаторот на фестивалот се доделува на актерот Ефтим Трајчов Ѓаурски за монодрамата „Избувливиот човек“ од Чехов во режија на Перо Даниловски, а во продукција на Центарот за култура „Бели Мугри“ од Кочани.
„Актерот Ѓаурски понуди чиста актерска креација во која свое место има и Чеховската иронија која тој суптилно ја доловува. Со бројни трансформации тој оживува мноштво женски ликови односно ја реконструира руската губернија од деветнаесеттиот век. Преку својата креација Ефтим Трајчов Ѓаурски, се потврдува како актер со сериозен потенцијал и за најсложени сценски задачи. Со својата понесеност во играта тој оствари лесна комуникација со публиката изнудувајќи аплаузи на отворена сцена.“
Свое излагање на сцената имаше и Маја Андоновска Илијевски, директор на Центарот на култура, која со својот ентузијастички поглед отстапи простор за надеж и непосредност за театарот и неговата иднина низ пандемијата.
„Каков фестивал имавме? Емотивен, полнокрвен, страстен. Единаесет актери дочекани и наградени со аплауз од публиката која бараше столче плус. Кога сме на крајот, можам да кажам дека сум горда на секој кој директно и индиректно даде парче од себеси да го изградиме мозаикот на Интернационалниот фестивал на монодрама 2021.“
Јована Матевска Атанасова