Пародија на бирократското малограѓанство
„Мерилото за успехот на една комедија е смеата на публиката.“
„Сомнително лице“ го обелодени својот долго баран лик пред битолската публика. Истрагата започна во салата на Народниот театар, под раководство на Деан Дамјановски. Свој особен придонес при изнесувањето на вистината пред лицето на правдата( публиката) дадоа: Марјан Ѓорѓиевски, Валентина Грамосли, Јулијана Мирчевска, Никола Прoјчевски, Филип Мирчевски, Петар Спировски, Борче Ѓаковски, Никола Стефанов, Александар Копања, Александар Стефановски, Васко Мавровски и Сандра Грибовска.
Оваа урнебесна комедија, парабола на еден трагикомичен облик на владеење предизвика амбивалентни емоции, од една страна непроменливата вистина која од времето на Нушиќ се задржала до денес, во државната установа која треба да го носи гордо името на демократијата, а од друга страна гротескниот приказ на истоимената парада на глупавоста. И не само подносителите на ваквото безредиe, во синџирот на малограѓанштина се вклучува и народот, кој со молкот ја поддржува криминалната група на тронот.
Додека работниците се спремаат за мирен сон и вредно работат на својата “зимница”, пензиските денови, безработниците на чиновничка функција како Јеротие Пантиќ, сонуваат за унапредување и престиж, среброљубие и самољубие, видливо по неговите многубројни портрети, кои верно ја отсликуваат параноичната карактерна поделеност. Живеејќи во корпулентен престап, во „пожртвувана” служба на државата, го раскинува семејството и потребите на сопругата и ќерката, од преголема заслепеност. Дури и на мажачката на ќерка си гледа како на доживотна зделка, од која секако, дебело ќе профитира.
Но за волја на вистината, овој пат режисерот Деан Дамјановски, на вистинско место ги закрпил неоцивилизациските обележја, технолошката асимилација и празнењето на човечката мудрост со нејзиното користење. Ваквото абење на карактерите како дополнително да дава тежина на нивната малодушност, што ги прави веродостојни синоними на талогот кој сакал да стане кајмак. Со делузивни мисли поттикнати од акутната параноја на постојано следење, снимање и прислушкување, Јеротие и неговите поттрчковци, доживуваат еден неочекуван пресврт, кога во сопствената истрага ќе бидат разоткриени со својата валкана долна облека. И да биде иронијата најистакнато стилско средство што ја катализира гротескноста на претставата, тоа ќе го сторат две жени.
Така некако Нушиќ, а и Дамјановски сакаат да ѝ прогласат пораз на бирократијата со победа на љубовта, ресоцијализаторот.
Иако на сцената беше постојана гужва, екипата работеше како под зрел кукловод, балансирајќи ја сериозноста и непосредноста во врвно синхронизирана глума, во која грешка и да не постоеше, освен секако, фаталната на тимот на Јеротие.
Беше освежување на сцената да пропарадираат имиња од златната доба на современиот Битолскиот театар, како Валентина Грамосли, но исто така забележителни улоги имаа и младите актери кои од претстава до претстава созреваат пред очите на публиката, како таа на несреќниот Ѓока , одиграна од Никола Стефанов, кој без многу зборови ни ја преслика напнатоста на неговите измачени мускули и мисли, еднојајчена исход на полициската бруталност.
Режисерот Дамјановски успеал да го предвиди течението ( со виртуелниот помошник Алекса го заокружи доживувањето) што на претставата ѝ даде личен печат, но и отвори нови моменти на смеа, кои во оригиналниот драмски текст не биле вклучени. Иако делуваше како оваа водна циста од собран џган кој го ужива еполетот на власт, ќе пукне, мислам дека актерите го натераа аудиториумот да пукне од смеа.
А во време кога смеата е луксуз, и тоа масовната, се надеваме ќе се појават повеќе „Сомнителни лица“, да ни ја расветлат општествената згрченост, безболно да се пошегуваме на сопствена сметка, затоа што народот е директен соучесник во епското злосторство на бирократска потчинетост. Воедно и жртва.
Сценографија и дизајн на плакат: Филип Јовановски
Костимографија: Андреј Папаз Ѓорѓиевски
Композитор:Марјан Нечаќ
Видео дизајн: Гоце Веселиновски
Изработка на сценографски елементи: Иванчо Велков
Тон-мајстор: Александар Димовски
Светло-мајстор: Илија Димовски
Инспициент: Димитар Михајловски
Суфлер: Мирјана Христовска
Пишува: Јована Матевска Атанасова