Метастаза во капиталистичкиот зародиш
Претстава која се гледа со очите на душата.
Кочовски успешно го вклопил и прилагодил романот на МекКој кон балканскиот менталитет полевајќи го со урбан шок кој го поларизира односот на работничкиот сталеж со капитализмот. Во време кога младината ги одбива книгите на Селинџер, Харпер Ли и Толстој, се едуцира преку безумни шоуа во кои наголемо се пумпа скандалозното однесување и истото подоцна се пресликува на страницата за црна хроника во дневниот печат, режисерот го задава последниот удар кон ваквиот шунд-феномен преку културно предозирање.
Tриесет и трите парови се симболика на тешката 1933, на зародишот на економскиот гладомор, новиот континент е обвиен во треската на танцувачките маратони, кога за багателна награда од 1500 американски долари натпеварувачите ги исцрпуваат своите тела до смрт. Паровите се распослани со карактери кои си опонираат, а сепак во сржта на нивното постоење е подигнат јарболот на обичниот граѓанин: брачна двојка во исчекување на првото дете, глумица со копнежлива страст за слава, жена која бега од себеси со надеж да се убие од танцување и човек предаден на својата сугестибилна добронамерност.
Натпреварот е олицетворение на максимата: „Туѓата несреќа е среќа за непосредниот набљудувач.” Измама, сопки, но и солидарност наѕрена низ наивните обиди секој да се искачи на врвот без притоа да биде потиснат од каменот на другиот што се тркала низбрдо. Победата не е бесплатна и додека човекот од својот живот креира пекол, друг заработува на неговото лудило: чесната душа е повлечена од тежата на умот нестандардизиран за таков притисок.
Интензивна и динамична, претставата ги руши кордоните на очекуваното. Пејсажирањето на транзицијата на американската Голема Депресија и последните денови пред егзекуцијата на Југославија од светските карти е видливо обоено како навидум паралелно повлечени линии.
Комплексното темпо по нацрт на „Маратонците го трчаат последниот круг” беше вистинска кулминација барем во очите на публиката. А тука глумците се покажаа најсилни, со потта, борејќи се за здив, со каскадерски потези и моменти кои течеа симултано синхронизирано со одигрувањето. Тие го доловуваат интерактивниот сегмент на физичката претстава со симболиката во неа: човекот не може да влијае и да го предвиди времето и движењето.
Клаузула на победата напишана со мали букви е да се отплати долгот кон општеството и покрај тоа што безумно се вртиме во круг. Но дали Глорија и Роберт трчаа со крвавите пети и потечените зглобови поради парите? Не верувам. Некои трчаат да ги престигнат другите, некои за да стигнат до себеси. Оваа животна штафета е нивниот мотив кој на крај ги исцеди комплексите во преработената вистина: бескрупулозноста на капиталниот зародиш.
Метафора за циклусот на животот, обвиткан како срцевината на кромид, при секое лупење, соблекување на слоевите, слузницата се воспалува, солзи, но станува поотпорна кога време ќе дојде за следниот слој. Раѓање, живот, смрт. Но ако раѓањето и смртта се експедитивни, траат неколку минути, што прави поединецот со оние децении кои го претставуваат животот? Колку високо се качуваме на гредите прикажувајќи ја сопствената вредност и моќ? Дали ние сме заробени во еден инсектариум, во кој мравките постојано кружат, сѐ додека не им дојде време да се згужваат во тие неколку секунди и да ги рекапитулираат изминатите моменти? Што ќе видат тогаш освен забрзани кадри кои се поместуваат како дрвјата покрај шините?
„Сѐ било за џабе, за ништо.” избезумено повторува Глорија кога сфаќа дека наградата и не постои, била само мамка на јадицата, да ги залаже луѓето, повторно да се изживее над немоќта и невиноста на работникот. Но трчањето не беше залудно затоа што карактерите со секој изминат круг, со секој новооткриен танц и заменет партнер доживуваат преродба, се кршат како стаклото на прозорецот, високиот прозорец, за да можат да го чујат дождот на своето внатрешно степување. Танцуваат бескрајно помеѓу амбицијата и желбата сакајќи со танц да ја избркаат економската пропаст како шизофрена халуцинација на колонии бубачки.
Претстава завршува онака како што започнала, со кругот на животот, со оптегнатите траби платно на сцената во трибојот на југословенското знаме. Автобиографскиот момент на режисерот е невидливиот суфлер кој ја води седницата на сцената.
И она што е за вистинско поздравување е навиката на Битолскиот Народен Театар претставите да ги преработува во своевидни мини концерти, да ја анимира публиката во точно одредениот театарски такт, кога кулминацијата набрекнува, за миг оддалечувајќи ја од главното збиднување. Ефектот на „тука-таму“ е уживање за гледачите и пасионираните фанови на театарот.
Сепак не смееме да не ја поздравиме и да се поклониме на вредната координираност , успешната изведба , актерскиот влог. Секој со својот шарм и потенцијал ја моделираше карактерната етикета на ликовите- импулсивната и експлозивна Глорија, слаткоречивиот Роберт, манипулативниот и патријахално навиен Џејмс, опортунистот и безмилосно ладнокрвен Роки… Шаренилото од актерски портрети беше поддржано од плејадата ликови кои проделфилираа на сцената, но и брилијантниот актерски избор на режисерот кој несомнено го даде рефлекторското светло на многу млади и успешни изведувачи, коишто со својата свежина ја амбалажираа претставата преку авангардна привлечност.
И за крај, може ли животот да го пресуши адреналинскиот порив и човек одеднадеж да се најде изнемоштен пред очите, длабоките очни дамари, на преплашениот коњ, кој истовремено и трепери и дивее, не знаејќи дали ќе биде повеќе безбеден во дивината или во шталата?
Пишува: Јована Матевска Атанасова