Звукот на ориентот со генијалниот Марсел Калифе

Овој четврток во 20 часот, оркестарот на Филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Звукот на ориентот“ на кој ќе настапи исклучителниот мајстор на уд, композитор и воклист Марсел Калифе од Либан. На програмата се авторски дела на Калифе, а концертот ќе го води маестро Лубнан Балбаки од Либан. Ќе настапи и хорот „ПроАрс“.

Марсел Калифе студирал уд (арапска лаута) на Националниот конзерваториум за музика во Бејрут и од тогаш, тој вдахнува нов живот на овој специфичен инструмент. Традиционалното свирење на уд било ограничено од строгите изведувачки техники кои го одредувале начинот на свирење. Високо талентираните и надарени музичари како Марсел Калифе, сепак, можеле и успеале да го ослободат инструментот од тие ограничувања и со тоа значително да ги прошират неговите изведувачки можности. Во 1972 Калифе оформува музичка група во својот роден град Aмчит со цел да го оживее музичко наследство на арапската вокална хорска музика.

Делата на Марсел Калифе се критички позитивно оценети од Арапскиот свет, но и насекаде низ светот. Неговата креативност, иновативност, образовни и хуманитарни залагања, како и придонесот за промоција на културата и уметноста во Арапскиот свет се причина поради која добил бројни награди во арапскиот свет и на меѓународно ниво.

Во 2008 година Калифе го основа Катарскиот филхармониски оркестар, каде работи како музички директор и резиденцијален композитор.

Лубнан Балбаки е роден во 1981 година во Бејрут и е најмладиот редовен диригент во Либанскиот Филхармониски Оркестар. Низ целиот свој живот, Балбаки бил опкружен од уметници од блиското семејство: сликари и музичари, кои ја создале инспиративната атмосфера што помогнала да се изгради неговиот музички пат.

Паралелно со своите студии, учествувал и на повеќе мастер класови по оркестарско

диригирање со познати европски диригенти како Курт Мазур, Колин Метерс, Конрад вон Абел и Кристијан Бадеа. Во 2013 е назначен за редовен диригент на Либанскиот филхармониски оркестар и го основал Националниот младински оркестар.

Диригирал со оркестри како Катарскиот филхармониски оркестар, Националниот радио оркестар на Букурешт, Филхармонискиот оркестар на Мексико Сити, Државниот симфониски оркестар на Истанбул, „The 5 the Mayo“ од Мексико, Филхармонискиот оркестар „Queretaro“ од Мексико, Државниот филхармониски оркестар од Трансилванија, Државниот филхармониски оркестар во Сибиу-Романија и „Тимисоара“, Националната Опера во Романија.

Иако диригирањето е неговиот примарен фокус, маестро Балбаки грижливо ги организира повеќето од неговите изведби и има блиска комуникација со луѓето инволвирани во неговите проекти, на сцената и надвор од неа. Откако ја започнал својата музичка кариера, Балбаки работи како музички советник и шеф диригент со Маџида ел Руми и Марсел Калифе.