Камерна класика во Аудиокултура

Аудиокултура ја продолжува својата мисија на безрезервен музички поддржувач, промотор на врвен звук и прибежиште од суровата општествено социјална темнина. Вистински културен светилник и поле на кое пулсира задоволство од исполнување на визии и желби кои до скоро се чинеа само луди замисли за кои нема кој да создаде тло врз кое ќе се развиваат, растат и остваруваат.

Аудио бар, уметност попишана од врвни сликари и дизајнери, импресивна понуда на винили од светски познати издавачки куќи и аудиоопрема од која застанува здив. Ете тоа е Аудиокултура која широко отвора врати за истакнати музички имиња, ентузијасти кои штотуку тргнале кон освојување на музичкиот и звуковен свет, но и со оние кои ја доловиле суштината на овој дом и дошле да ја впијат сета таа енергија, пасија и визија од кои е креирана Аудиокултура.

Петокот кој измина се реализираше уште еден настан од проектот „Live at Audiokultura“ (50 guests limited), на кој свој настап во живо реализираше Квартетот во состав Ерхан Шукри – виолина, Гоце Вангеловски – виолина, Аспарух Коневски – виола и Зоран Павловски – контрабас.

Одлична камерна изведба на безвременски класични композиции, врвна звучна репродукција и пријатна атмосфера се впечатоците кои ја одбележаа оваа вечер. Апсолутната тишина во која се проследи настапот на овој квартет беше еднакво моќна како и долгите аплаузи кои следеа после секоја завршена нумера. За секоја почит. Однос кој годи и облагородува, импресионира и инспирира.

После 45 минутно уживање во музика, разговорот со музичарите беше природен продолжеок на вечерта.

Елементал: Вчеравечер во Аудиокултура имавте импресивен настап. Беше вистинско задоволство да се биде публика на камерно оркестрирање од музичари кои ја нашле совршената мера за класичната музика соодветно да и приличи и на сегашноста, но и на амбиентот и публиката.

Какви се Вашите впечатоци од вчерашниот настап?

Ерхан: Најпрво да се заблагодарам за понуденото интервју. Ми причинува посебно задоволство да ги споделам моите впечатоци од настапот во Аудиокултура.

Со самиот амбиент во Аудиокултура, уште при самиот влез, со првиот направен чекор веќе добивате впечаток дека се работи за еден суптилен и префинет простор во кој не можете да останете рамнодушни и да не посакате да музицирате.

За сите нас беше прекрасно доживување бидејќи одамна не сме имале прилика за ваков интимен концертен настап.

Имате чувство дека сте во домашен простор, а всушност сте на концертен подиум и пред публика која со сите сетила е вперена кон вас.

Тоа ни даде дополнителна мотивација за да музицираме со поголема посветеност и предаденост. Публиката пријатно не изненади поздравувајќи не со топол аплауз после секоја композиција.

Впечатоците се многу силни и веќе размислуваме во иднина почесто вака да настапиме.

Елементал: Што значи за Вас како музичар да се настапува во место кое е синоним за врвен квалитет кога се во прашање музиката и звукот, а истовремено тоа е и сцена која, штом веќе го прифатила Вашиот настап, ја нуди сета слобода за изразување и импровизации?

Ерхан: Бев пријатно изненаден кога ја добив поканата од Аудиокултура да настапиме со нашиот гудачки квартет. Од срце прифатив.

Овој концепт на Аудиокултура несомнено е современо глобален и е за поздравување бидејќи тој концепт е секогаш ренесансен, неповторлив и автентичен.

Аудиото како феномен, сам по себе е простор кој нуди многу можности со кои може да се изразат повеќе експресии и да се презентираат различни особености. Во создавањето на звукот врвниот квалитет треба да се бара во убавината на бојата и јасноста на тонот, диференцијација и препознатливост на различностите на самиот звук, а сепак како краен производ треба да се има компактноста и целината за да се формира целосната слика на звукот. Аудиокултура како простор тоа ни го овозможи како репродуктивни музичари.

Затоа, знаејќи дека во тој шармантен простор настапуваат врвни музичари, поканата за настап беше предизвик кој го сфативме сериозно и дадовме максимум за да ја оправдаме дадената прилика да бидеме на сцена каде веќе еманира прекрасна енергија од настапот на претходните врвни музичари.

Елементал: Што е она што Ве води на настапите: утврдениот репертоар, публиката, личното расположение или нешто сосема друго?

Ерхан: Покрај квартетот како гудачка формација, исто така работам со гудачки камерен оркестар и мандолински оркестар, а водено сум и професор по виолина и камерна музика во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.

Земајќи предвид дека сите се различни структури и формации, нормално е да се размислува и за различни концепции на репертоар кој ќе биде избран за различна публика, различна пригода и се разбира адаптирајќи се на побараното од вас.

Во зависност од концертите и настапите за мене е интересно и предизвик секогаш да се има различен репертоар со нови композиции. Се застапуваат сите жанрови, сите стилови од гранките на музиката.

Се разбира дека првичното лично расположение во изборот на репертоарот е пресудно, но сепак во функција да биде задоволен вкусот на публиката.

За ова претставување на квартетот, Аудиокултура побараа тематиката да биде со класичен призвук. Самиот наслов Калсика ВС Класика беше спој на популарни класични теми од композитори кои оставиле прекрасни музички дела како во оперската, балетската и симфониската музика, така и во филмската и популарната музика од нашето секојдневие. Овој направен колаж е со епски препознатливи теми за сечие уво и сечиј вкус.

Елементал: Несомнено е дека Вас ентузијазмот и ведрината Ви се верни сопатници. Но, тоа никако не Ве оттргнува од раскошна формалност и строга внесеност во музиката и комуникацијата со оние со кои настапувате. Синхронизирани до перфекција звучите како еден. Што е она што може да Ве инспирира да излезете од рамката на сигурна зона и да си дозволите инцидентна креатива на самиот настап?

Ерхан: Изведувањето на самите композиции избрани од големото светско музичко наследство не нудеа простор за импровизации и видоизменување на нотниот текст. Но затоа пак, останатите жанровски теми од филмската и популарната музика понудија сопствени аранжмани кои ги имам направено по лична инспирација и имагинација, потполно почитувајќи го креативниот импулс кој ќе дозволи слобода во интерпретацијата.

Со квартетот кој го сочинуваме јас и моите драги колеги (Гоце, Арчи, Зоки), долги години сме поминале заедно во оркестарот на НОБ. Тоа е клучот на разбирањето и одличната комуникација, тоа е она што не прави синхронизиран тим. Другарувањето со нив многу ми значи, но професионалниот однос во музицирањето е задолжителен. Само повратната информација на одговорност, која секој од нас ја има, носи кон сплотеност во музицирањето.

А детскиот ентузијазам, ведрината и насмевката?

Тоа е ми е непроценливо наследство, тие се дел од мене и без нив ништо не би постигнал. Си ги почитувам и негувам бидејќи тие ми се дадени од Изворот.