„Срам“-Зготвено без заруменување

*Автор, режија и актер: Ангела Стојановска*

Тииит.Инк

„Срам“ е монодрама инспирирана од автобиографски настани и ликови кои имале интеракција со актерката, а во одредени стадиуми придонеле таа да се чувствува неодредено или предодредено за својата физичка конституција, но токму тие настани ја натерале да застане храбро, одважено, и својата приказна за духовното растење да ја сподели со публиката.

 Од психолошка гледна точка, оваа монодрама е поучна за тинејџерите, особено во “bullying” ерата затоа што покажува како прифаќањето на слабостите од секого умее да изваја посилна личност, да создава ѕвезди со став да застанат пред многубројна публика и без солза во очите, горчина, без грам срам да ја отворат душата и притоа да подготвуваат вкусна торта, зачинета со најголемиот непријател произведен од фабриката на стереотипи- Холивуд, јаглехидратите. Но бидејќи сцената не е црвен тепих, туку симулација на кујнски шанк, сите гастрономски гревови, па и оние посочните (читај, забранетите) се добредојдени.

Шармантната Ангела Стојановска ја размрда публиката, не само со својата изведба, туку и со прашањата, со сочувството, со моќта да подзамисли и да создаде понатамошна дискусија. На крај не знаеме колкава цифра пристигна на адресата на актерката за гламурозниот мајтап на своја сметка, но секако, ќе ѝ бидат одбиени оние 18% ДДВ за забавување на публиката со својата непосредност.

Сарказам иронија, драстично менување на расположението, потиснат бес, пасивна агресија, како за дете, тинејџерка и возрасна која добивала замерки за сопствениот изглед и во цело тоа времетраење успеа да спреми вистинска торта ( која според ХАСАП систем е дозволена за конзумација ) одржа стравична лекција дека  стандардна големина во талентот не постои. Можеби само времето беше прекратко и на разочарување на публиката, оваа “tête-à-tête ” средба со срамот беше завршена во предвиденото време.

Ангела Стојановска несомнено носи убавина создадена да ја владее сцената, нејзината дикција и експресија беа чиста хемија, што не дозволуваше да се оттргне вниманието ни за миг. Сето тоа уредно поткрепено со факти, како тој дека дебелината започнала да биде оспорувана со почетокот на христијанството, поради што се изедначувала со лакомоста.

Интерактивно искуство со емотивни сцени на видео бим од детството на актерката ( што внесе доза интимност несебично предадена кон публиката) која доколку ја задржи непотрошната енергија (во независна продукција од ЕВН Македонија) да твори со искреност е новото лице на комедијата во Македонија.

Пишува: Јована Матевска Атанасова