Драмски театар гостува во Сараево со претставата „Чудесна терапија“
![](https://elemental.mk/wp-content/uploads/2023/05/image-4.png)
Драмски театар Скопје со претставата „Чудесна терапија“ гостува в сабота на 20 мај во Сараево. Од 19 до 25 мај во организација на „Камерни театар 55“ – Сараево, се одржува најновото издание на регионалниот театарски фестивал РУТА.
Претставата „Чудесна терапија“, во режија на Димче Николовски е направена на текст на авторот Даниел Глатауер. Улогите во претставата ги играат: Маја Вељковиќ Пановска, Соња Стамболџиоска и Предраг Павловски.
![](https://elemental.mk/wp-content/uploads/2023/05/image-5.png)
Оваа претстава се занимава со потребата од чиста и искрена комуникација како предуслов за една среќна врска. Димче Николовски во режисерската белешка за претставата истакнува дека големината на една интимна врска меѓу двајца, се мери преку одговорот на прашањето: Дали врската успева да постои и надвор од љубовта? Комуникацијата е универзална способност на секој човек. Но, дали знаеме вистински да комуницираме? Се чини едноставно, но во врска, сакале или не, се’ станува комплицирано. Понекогаш и до бескрај. Разговорот знае да прерасне во кавга, кавгата во конфликт, а конфликтот во војна. А проблемот, наместо да биде решен, умее да создаде нов, поголем проблем. Прашањата што ги отвора претставата се: Зошто е важно да разговараме? Како да разговараме за вистински разговорот да ни помогне?
![](https://elemental.mk/wp-content/uploads/2023/05/image-6.png)
Во пресрет на ова гостување потсетуваме дека со изведбата на „Чудесна терапија“ театарот гостуваше на Охридско лето во 2020 година, а во рамките на фестивалот РУТА, гостуваше на Бриони во Хрватска во август 2021 година каде имаше извонреден прием кај публика.
Премиерата на „Чудесна терапија“ беше во септември 2019 година, и досега има 28 изведби.