Олга ПангоСе чувствувам повторно безбедна на сцената

„Петтото годишно време“ е новата премиера во Велешкиот Театар. Претстава за една балерина на 73 години, сместена во старечки дом, која иако боледува од Алцхајмерова болест, грчевито се бори да ги евоцира и оживее најзначајните моменти, настани и случки од нејзиниот минат живот, со цел да стигне до нејзиниот вечен сценски момент, кој практично ќе значи и нејзина конечна физичка смрт.

Елементал: Со голем и убав повод сте гости во елементал .мк, добредојдовте драга Олга:)

После долго време повторно сцената е Ваша. Со Вашиот говор на тело и сценско движење, ќе ја раскажете Вашата нова приказна, која верувам дека нема да остави никого рамнодушен.

12 јуни, во Велешкиот театар се случува премиерата „Петтото годишно време“ по текст на Сашо Димовски, режија на Васил Зафирчев и музика Сашко Костов.

Раскажете ми малку за овој проект и што е она што Ве поттикна повторно да создавате уметност на сцената во која вие сте движечката сила?

Олга: Ви благодарам за поканата да бидам дел од елементал.мк.

Да, точно е дека после подолго време сум повторно на сцена како изведувач. Неодамна Васил ме побара да ми ја каже неговата идеја за Петтото годишно време … Со радост ја прифатив, но и со многу внимателност, односно несигурност во себе. Не знаев во кој правец ќе го вози ова наше патување. Кога ми го даде сценариото, текстот и книгата од Сашо да ги прочитам, бев повеќе од сигурна дека ќе успееме и на пат сме кон убава работа.

Не е едноставно да си сам на сцената 50 минути, но пост драмскиот, односно танц театарот ми е близок и го работам подолго време. Васил на секоја проба ми даваше потстрек и ми ја подхрануваше самодовербата. Тоа ми го олесни процесот на работа и се надевам дојдовме до саканиот резултат. Секако приказната ми е блиска како тематика, играм 73 годишна старица со алцхајмер која била примабалерина. Претставата е состојбата на балерината пред смрт … звучи морбидно, но не е. Целиот тој буто танец наговестува на нешто чудно, безвременско. Секако бутото е естетика на грдото.

Елементал: Имате ретка моќ да ја пренесете вашата емоција не само преку танцовиот јазик туку и преку актерски израз. Како успевате во тоа, постои ли некаков код?

Олга: Јас долго време работам како кореограф во драмски претстави. Сигурно 15 години сум во друштво на прекрасни режисери и актери во државава и надвор од неа. Таа соработка, многуте разговори со режисерите ми отворија една друга врата во животот. И тука нема посебен код … или можеш или не. Јас и како балерина бев доста драматична и играв такви улоги.

Елементал: Создадовте и искреиравте бројни драмски кореографии на театарската сцена, не само кај нас туку и надвор од границите на нашата земја. Зад Вас се и безброј награди и признанија.

Со претставите Чикаго и Мама Миа во режија на Наташа Поплавска ги поместивте границите и докажавте дека можеме да создаваме мјузикли.

Колку се потребни мјузиклите како жарн на театарските сцени и дали во иднина ќе гледаме нешто ново?

Олга: Мјузиклот е посебен жанр, односно симбиоза од повеќе работи … глума, танц, музика. Со Наташа поставивме два бродвејски мјузикли, Чикаго и Мама миа. Беше многу возбудливо и прекрасно искуство. Наташа е единствен наш режисер кој се обиде овој жанр да и go доближи на Македонската публика. Нејзина голема заложба беше да се земе лиценцата од бродвеј. Глумците кои беа дел од овие мјузикли, Арна, Бица, Тања, Јелена, Жарко, Кире и други, макотпно работеа секој дена, на сонгови, кореографии и текст … многу сериозна работа. Но беа одлични и го совладаа материјалот.

Исто така во Битолскиот театар го поставував “Свирачот на покрив” заедно со режисерот Јовица Павиќ од Белград. Прекрасен мјузикл за животот на евреите. Во Битола беше исто така прекрасна актерска екипа.

Како жанр мјузиклите се неопходност, Не знам зошто се тргнати од репертоар и на кого тоа му смета. Тие се празник за очите и ушите на гледачот, main stream кој не смееме да го занемариме.

Се надевам дека во иднина ќе се смени менталниот склоп на одредени структури и дека мјузиклот ќе се врати на голема врата.

Елементал: Како ја одржувате вашата кондиција?

Олга: кондицијата ја одржувам со балетски вежби. Секое утро на балетските уметници им почнува со балетски клас. Јас често сум педагог на класот, а и паралелно го вежбам. Кога работи друг педагог, вежбам да одржувам форма.

Во последно време заради претставата се ставив на специјална исхрана, но не е така цело време. Многу сакам да јадам и да уживам во гастрономијата. Малку хедонистички, но цел живот дур играв активно балет внимавав што јадам … сега е поедноставно.

Елементал: Што е она што ве фасцинира во современиот танц и дали сметате дека е распространет доволно во општество и на европските сцени?

Олга: Модерниот танц е слобода на движења, мисли и емоции. Многу поразличен од класичниот кој е егзактен како и музиката. Модерниот танц е крик што кореографот и играчот можат да го извикаат едногласно во претставата, а при тоа многу тивко да го направат тоа. Фацинантни се импровизациите на одредена тема која ти дава широк спектар на бои со кои можеш да исцрташ најразлични форми и нијанси.

Се повеќе е застапен и кај нас и во светот. Многу од класичните играчи се обраќаат кон модерниот танц. Се оди во правец и класиката да се посовремени, да се измести некако … Најверојатно тоа е иднината.

Елементал: Да се биде жена балерина, уметник во ова општество значи?

(предности и маани)

Олга: Јас ја обожувам својата професија. Таа е една од најубавите нешта во мојот живот.

Иако сум имала доста подеми и падови, сум научила дека тоа што нема да те убие ќе те направи појак. Само со искрена работа и многу труд и љубов се постигнува вистинскиот резултат. Зборот балерина е за почит и восхит. Тоа е професија на највисоката естетика и издржливост.

Нашето општество ја рангира оваа професија како и сите други уметности, а не е така. Навистина е голема жртвата да станеш балерина, а уште поголема да се бавиш професионално со тоа. Имено „Петтото годишно време“ тоа го раскажува. Затоа е и толку многу вистинска и потресна претставата. Сите жртви кои ги даваме за да дојдеме до врвот … тоа трае мигновение, бидејќи кариерата на една балерина е кратка и потоа паѓаме во заборав кој е бескрајно болен и страшен за уметникот.

Елементал: И за крај, што би си рекле себе си?

Олга: Хахахха за себе … ќе оставам другите да го кажат тоа.

Елементал: А за Васил?

Олга: му благодарам што речиси дваесет години е дел од мојот професионален напредок, што ме мотивираше толку многу да се чувствувам повторно безбедна на сцената.