За ограничувањата кои подигаат ѕидови
*рецензија на претставата „Луди за љубов“ *
„Срцето без љубовта би било како мускул без разум. Свирепо, неконтролирано, треморливо…“
„Си заминаа сите кои знаеја да кажат да. Да нѐ насмеат. Со себе ја однесоа љубовта и радоста. Ми недостигаат. Се претворивме во град на духови. Почнавме да градиме ѕидови, ѕидови во дворовите, ѕидови во собите, ѕидови во срцата, ѕидови во умовите.“, стои во монологот на Меј, која само што не ги кренала рацете, измачена од поимањето на љубовта, искушеничка, заробителка.
Токсичната и брзоплета љубов, Ристовски со сензибилитет на агравација, со вгнездено чувство на распад, ја гони, но и трага по истата во претставата, давајќи го подводникот секогаш на различен лик, сакајќи да иницира поинаков тек на дејствието. Но овие натчовечки судбини се толку заплеткани што, независно еден од друг, повторно живеат во прегработ на сопствената болест, љубовта.
Актерите го спојуваат грубото и нежното, одбивањето и сепарационата криза, искинатите заноктици и кутикулите на заљубеноста, настрана од љубитието ,кое низ акутни епизоди се возобновува од заглавјето на застрашувачката помисла: да се достигне нирваната на осамата.
Претставата е придавка на разнебитноста, без постоечки синоними, но со корпус на дефинирање Шепард ја дисекцирал анатомијата на љубовта, таква каква што се појавува без лушпите на самозаштита, но и каква опстоила од средновековието: луда, брутална, патолошка, перверзна, тажна, затапувачка, убиствена, возгордеана, гломазна, но и поинаква. Нова. Индивидуална. Со капацитет и ширина. Таму некаде, прва и последна.
Ѕидовите на Ристовски и Михајловски зборуваат и слушаат, ономатопеично ги имитираат звуците на луѓето. Ги слушаат криците кои грлото сѐ уште не ги произвело, ги следат телесните сензации, ги фалсификуваат низ својата ладнокрвност нивните мраморни, нивните мермерно мирни структури. Ладни, експресни. Како кофеински опијат. Колку се лажеме дека љубовта е начелото кое ќе нѐ спаси чекајќи го судниот ден, додека тежнееме да ја поништиме како последната здрава клетка ? Или тоа е веќе научена фраза која милуваме да ја изговараме кога не знаеме да кажеме „Те сакам“?
Ѕидовите се нашите самици, цитадели подигнати да нѐ штитат од влијанијата на луѓето со кои градиме релации кои честопати ни ја уништуваат и самодовербата и желбата, и копнежот и вербата, и волјата и радоста, кои како Радиниот мост, градејќи се секоја ноќ се уриваат. Така се уриваат и односите меѓу главните ликови. Во циклонски вртежи на улоги на глушец и мачка.
Ексцентричните Меј и Еди функционираат како два ограни од исто ткиво или витален систем, што само по себе ја побива метафората за инцестуозните мотиви во најава. Нивната врска е толку интензивна, поробена, со деструктивна природа, но од друга страна распонот што Илина Чоревска и Хари Михајловски го претставија е чиста хемија, органска, реална и дофатна, сепак катастрофална кога не би ги нашла своите правилни, театарски сурогати да ја изведат пред виделото на публиката.
Старецот, Творецот на збрката и апстрактот на семе(ј)но божество, кој создава како што и Бог создава несовршености, е впрочем олицетворение на Едип, но препишан со синтакса на модерниот дијалект. Напати, гледачот го препознава Бог, напати подведувачот, па таткото, нешто кое искусниот Чоревски го остава да виси како дилема и по спуштањето на завесата.
Мартин е лик, кој Шепард интенционо го вовел како учесник во хемиската реакција на катализатор на драмата, неговиот аутистичен холограм ја исцртува иднината и рутината, тогаш кога биолошкиот часовник гневно ќе ги исфрли пружините, штрафчињата, кога ќе ги расипе емоциите… Грчевите на Мартин се грчеви на опшеството од кое се раѓаат полубогови, грешни, со античките клетви и маките на претците, да го дезорганизираат поредокот, освестувајќи го и паралелно сакатејќи ја парадигмата на нотација.
Изолацијата е уште еден сегмент кој ќе ја отслика реалната ситуација на душата, на нејзината аскетска продуховеност, која го бира побрзиот пат до решението и низ чии судбински јазли честопати се заплеткува.
Кога љубовта ќе ја истиснеме како вишок вода потисната од телесноста во Архимедовиот закон, ќе добиеме дрвени макети на луѓе, налик на познатите холандски кукли, слични на Колодиевиот книжевен претставник, робови на автоматските реакции, на инстинктот и заповедот.
Идејата , Хари Михајловски, авторот на овој персонално-пневматичен проект, кој несомнено ќе ја освои публиката, ја бара во минимализмот на постоењето, во обезбоеноста на нашите мисли и карактери, со масивна алегорија на штетниците зад изградените затвори- општеството и идолизирањето на идеали, независно од здробеното и истуткано значење кое го имаат лично, за нас.
Во една дидаскалија би можеле да го сумираме и промениме понатамошниот тек на приказната, да ја инхибираме агитираната Меј, да ја рационализираме (не)верноста на Еди, но и да го приковаме Старецот, да се соочи со своите грешки, да преземе одговорност. Ама би биле ли тогаш „Луди за љубов“? Или рамнодушни, индиферентни? И кога би решиле да ги ослободиме од оковите, во нивниот вирулентно мазохистички лавиринт, да им ги поделиме патиштата…Меј, Старецот и Еди делат ист крвоток, тие се ситни гранули, секој од нив обоен со своја боја и значење, сепак доволни да предизвикаат згрутчување или масивна емболија при промените. Без нив општеството ќе го измени ликот. Затоа што тие, како и нас, се ѕидовите, нестабилно изградените ѕидови, од чии потреси, по пат на домино ефект се рушат и останатите градби наоколу. Неповратно оштетувајќи ги, луѓето кои се покоруваат на нивниот (и)збор, додека тие двајца живеат зад ѕидовите, изградени да го оперираат и негуваат хабитусот, и во уметничка и во медицинска смисла. Ѕидовите се нивната заштита од згадените и прекорувачки отстрели на опкружувањето.
„За мене, ова беше процес кој ќе го паметам. Знаете, ние актерите понекогаш имаме омилени процеси или омилени претстави, но ова беше вел пакет. Уживав во соработката со Јован, Хари, Валентин, Чоре… во секој миг. Меј, ликот кој го толкувам, е искрена топлокрвна жена на која ѝ се случува метаморфоза во текот на претставата, треба да расчисти со сѐ што сака, со своето минато за пред себе да отвори нова иднина. Лично и јас се наоѓам пред многу животни дилеми, па затоа мислам дека Меј и „Луди за љубов“ ми се случија во вистински момент”, изјави актерката Илина Чоревска за своето најново остварување.
„Не можам со тебе, не можам без тебе.“ Колку горчина се крие во амбивалентноста?
Јована Матевска Атанасова