„Како мало зрно песок“ – За виделината и вината
*Мана Чума Театар, Калабрија Регион, Италија; Автор: Салваторе Арена и Масимо Барила; Режија: Салваторе Арена; Актер: Салваторе Арена
Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски
„Како се мери воздухот?” со круцијална интерпункција најавувајќи го понатамошниот тек, монодрамата „Како мало зрно песок“ ја одведе публиката до екстаза, низ модерната одисеја на несреќник да талка низ фантастичните и бесконечни ходници на правосудството. Џузепе Гулота бил скромен осумнаесетгодишник се додека полицијата не му затропала на врата, не го затворила под образложение дека Гулота заедно со своите другари убил двајца карабинери во Алкамо. Притоа ѕверски е мачен сѐ додека конечно, под присила не го признае делото што не го сторил, а за кое поминува 22 години во затвор, 36 севкупно борејќи се гордо, со подигната глава да го обели образот. Зад неговото жртвување се кријат тајните служби кои потпомагаат неофашистички и терористички организации во кои се вклучени ланци на трговија со дрога и оружје.
Градуално откривајќи ги сите аспекти на тој процес што не завршува по ослободителната пресуда бидејќи за човек што влегол во системот не постојат надвор ниту назад, Џузепе Гулота го пишува својот тестамент пред очите на публиката, притоа користејќи големи вештини да ги долови карактерите на луѓето, да го изваде слузот насобран низ годините. Екстатички индуцирајќи еден рапиден раст на криминогени структури инфилтрирани под превезот на законот, но и оние мекодушните што со својата пот и плот го подигаат тој закон што безрезервно го почитуваат, „Come un granello di sabbia” е збиено драмско дело. Секако дека и насловната тропа ја обзнанува минливоста и минорноста на луѓето, на гроздестите структури во државното уредување.
Салваторе Арена е актер што лесно се вклопува во толпата, тој е народен човек, па токму и затоа ретко кој забележа дека пред самиот почеток на најавениот моно-спектакл, Арена седеше на клупите мирно и ненаметливо како дел од публиката чекајќи си го редот под рефлекторите. Неговиот лик е познат и просечен, невпечатлив работник што има едноставен сон да ѕида и да основа семејство. Но ѕидовите што ги малтери стануваат дебели и тешки решетки, стануваат електрични блокови невозможно да се урнат без амин од само еден човек-судијата. Низ истражувачката дурбина за сите оние гнили, недоисчистени процеси во кои секогаш страдаат првите на удар на полициската чизма Микела, Виторио, мајка му, татко му, новооткриениот порок -виното, повеќеслојно се обрабени карактерите на секој учесник во злоделото.
Крикот кон општеството што Салваторе Арена го изви на сцената ономатопеистично, со животински глас на повреден лав, на заробен орел, на згазена мравка како што го одминуваат и животните ставови неговиот облик на животно од урбаната џунгла се менува. Бидејќи првиот поглед не секогаш е и конечен суд, докажува фактот што кога светлото за првпат падна врз главата на Арена публиката низ предрасуда ја анализираше неговата проѕирна појава, астеничниот став на бедник згрбавен од судбината, излитените чевли и индиференцијата што како технолошки пронајдок не дозволуваше да се открие пребрзо за да не го расипе уживањето. Но кога така лесно си дозволуваме да проценуваме и потценуваме лик од монодрама што останало за човек што бил затворен дури и откако правдата ќе му биде сервирана ладна? Наративот во фрагменти ги менуваше навртките па од смирениот и невин, наивен и вреден Џузепе, ги заштрафуваше безмилосните структури каков што е заменик комесарот Курц, какви што се карабинерите, па и адвокатот, и сите влечуги што си го проголтале јазикот без идеал, но со ароганција.
Така навлегувајќи во полифонија, наизменично внесувајќи и споредни и главни ликови, именувајќи го секое зрно од тој процес кога Гулота безволно станал пустина, без знаци на живот, секој глас ја наоѓа точната позиција во која удира посилно од претходно, што создава филмски набој на сцената. Салваторе Арена покажа арена на интереси и карактери, со прецизно темпераментна преобразба од меланхолија во колеричност.
Притоа не остави рамнодушен никого во публиката, никој не се осмели да погледне во својот рачен часовник затоа што со леснотија Арена го држеше вниманието како и времето, немаше ништо побитно во тој час- час и половина од тоа да се биде на Големата сцена при Центарот за култура. Со скромна сценографија, изведбата понуди и забележителни игри со сценското светло, кога појавата на актерот се репродуцираше на платната, нудејќи му ја на гледачот перспективата на повеќе присутни ликови на бината.
Италијанците важат за страстен народ, но вчера Арена го отвори и длабокиот абцес од каде извира нивната страст, страста за правда, за изведување на вистината на видиковецот, на Јустиција која не го заслужила името затоа што луѓето постојано го валкаат…во име на правдата.
Со неверојатна техничка вештина на преобразба актерот одглуми четиридецениски процес, без да остави конфузија или прашање од типот „што” или „кого”. Салваторе Арена ја редефинира монодрамата од секој аспект, од теорија до пракса, особено кога ќе застане така скиснато под слабата светлина и ќе праша „каков е овој свет каде одмаздата е посилна од правдата?“
За мене, а ќе си дозволам да претпоставам и за многумина, претставата не заврши, ја однесов дома, живееше во пребарувањата на интернет, во дискусиите, во воодушевувањето за изведба што сум среќна дека допатувала од Апенинскиот Полуостров, макар и без gelato, pasta carbonara или pizza. Сервираната правда во епилогот беше повкусна од сѐ.
Несомнено монодрамата „Како мало зрно песок“ ќе остави бразда во антологијата на фестивалот, дотолку што идните учесници ќе се поткреваат на прсти да го дофатат тоа што на 18 мај се случи, долгоочекуваната изведба за паметење.
Пишува: Јована Матевска Атанасова