„Кој сум јас“-Заптлеткување на конците
„Кој сум јас“-Заптлеткување на конците
*Центар за Монодрама, Улан Батор, Монголија
Автор и режија: Б. Батделгер; Актер: Јанјилдулам Рагкасурен*
Разгатнувајќи го секојдневието на жена која штотуку се остварила како мајка, монодрамата „Кој сум јас“, ја отсликува реалноста на модерните психолошки тегоби, па и погрубо фразирано, болести. Без табу и со искреност што искреше на сцената, актерката ги разголи парамимите на лицето на жена внатрешно раскршена- болка, бес, рамнодушност, страв, вина, исчекување, помирување, дозволувајќи секоја мускулна флексија да го најде својот пар емоција.
Чувствството на децималност ретко кога е забележано, тоа е така затоа што вистинската вредност се крие зад нулата и запирката, почетокот и паузата на желба да се побара решение, но и спас. Јанјиндулам Рагкасурен ја започна изведбата во црн, традиционален монголски фустан, свечено и депресивно нагласувајќи ги боите во кои нејзината суштественост постпородилно се облекува. Бесна и разјуришана како бик, таа ментално е опколена од секоја една нишка што всушност е дел од нејзиниот живот- (личност, настан) што ја тера да остане во кругот, внатре, како и мува која привидно е заградена од линија повлечена со маркер.
Часовникот постојано отчукува, само времето ја има моќта да ја врати во реалноста, но исто толку ја притиска да ја прифати ноќната мора која започнува со отворање на очите, секој ден, без одмор, без престан. Заробена во кафез од конци таа се плаши да излезе од кругот, симболот на бесконечната депресија на новопечена мајка проследен со телесна дисморфија, анксиозност, паника и присилни мисли.
Но колку е жената (генерално) силна докажува и самиот крај на монодрамата, кога Рагкасурен се преоблекува во светли алишта, на таков метафоричен начин навраќајќи се на своето секојдневие, да биде мајка и сопруга, и покрај тоа што таа сѐ уште ги носи црнилата и демоните. Одглумено за да го одбрани женскиот колективитет, со дијапазон на емоции што се плетеа по лицето на актерката како конците од кафезот, Рагкасурен ја изваде до сламка микроекспресијата на секоја мајка ширум светот. „Кој сум јас“ е зоолошка на емоции, заробени и пуштени да урлааат, да застрашуваат и да ја забавуваат публиката и покрај јазичната бариера.